fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Отворени добиточните пазари

Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение со кое од денес се отвораат за работа добиточните пазари на целата територија на земјава. Пазарите беа затворени на 20 март годинава, како дел од превентивните мерки на Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширење на болеста КОВИД 19 кај луѓето.

 

На добиточните пазари согласно решението кое денес стапи на сила, се забранува ставање во промет на свињи, а работењето треба да се прилагоди согласно мeрките на Владата и препораките на Министерството за здравство. Движењето на пратки со животни може да се врши исклучиво ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба, ако животните се превезуваат директно во кланица, во собирни центри или на одгледувалишта кои ги исполнуваат биосигурносните услови.

Пред да се натоварат и по истоварот на животните, превозното средство треба да е соодветно исчистено и дезинфицирано, за што се издава потврда од страна на овластеното ветеринарно друштво. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни со непознат здравствен статус и во сите фази на движењето (товарање, превоз, истоварање и друга манипулација со животните) треба да се почитуваат сите мерки на Владата на Република Северна Македонија и препораките на Министерството за здравство кои се однесуваат на спречување на ширење на болеста COVID 19 кај луѓето.

Животните кои ќе се најдат во промет без сертификат за нивната здравствена состојба, или кои не се идентификувани ќе бидат одземени, убиени и нештетно отстранети, без надомест за настанатата штета, односно, на трошок на одгледувачот. Сите учесници во ветеринарната служба треба редовно да се информираат и да ги следат мерките кои ги носи Владата на Република Северна Македонија и препораките на Министерството за здравство.

Ветеринарните друштва редовно да се информираат и да ги следат заклучоците на Владата на Република Северна Македонија и препораките на Министерството за здравство. Активности не треба да се вршат во одгледувалиштата каде има лица кои се во самоизолација, а активностите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните во населените места во кои има лица заболени од вирусот КОВИД 19 да се остават последни, односно во овие области, ветеринарните активности од овој тип ќе се спроведат кога ризикот од КОВИД 19 нема да постои.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close