fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Заокружен со публикација проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација“

Со печатење на публикација во рамки на проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација“, кој го реализираше Здружението за едукација на земјоделците „Зелена берза“ со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија се заокружи шестмесечната работа на тимот што беше вклучен во неговата реализација.

„Како што од семето никнува растението, така од женските раце започнува животот и трасирањето на новите патеки, кои треба да ја донесат светлата иднина на новите генерации“.

Не, жената не е семоќна, таа е само жена, мајка, работничка, домаќинка, а честопати толку нечујна, дури и незабележлива. Нејзината рамноправност со мажите, законските права и можности кои произлегуваат од законот за еднакви можности помеѓу мажите и жените, би останале само зборови на хартија, доколку континуираната работа, секојдневно не придонесува за менување на состојбите. Животот, пак на жената во руралните средини, истовремено е испреплетен со различни состојби кои од една страна ја претставуваат нејзината силна страна, големината, но и нејзиниот страв, ограниченоста од различни состојби, а неретко и дискриминацијата со која се соочува.

Проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација“, кој го реализираше Здружението за едукација на земјоделците „Зелена берза“ со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија има за цел да придонесе кон надминување на стереотипите кои се однесуваат на дискриминација на руралната жена, издигнувајќи ја истата до ниво на успешен претприемач, притоа придонесувајќи за зголемен ангажман на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика кон имплементација на конкретни мерки за подобрување на статусот на руралната жена. Јасното елаборирање на ситуацијата во која се наоѓа руралната жена дејствува во насока на поттикнување кон спроведување на конкретни мерки за подобрување на нејзината состојба. Проектот влијае и врз бизнис секторот и неговиот третман на руралната жена кога станува збор за други специфични цели кои се однесуваат на нејзина недискриминација при вработување, поставување на раководни позиции и имплементација на важни дејства од нејзина страна. Граѓанските организации со овој проект се мотивираат на поголема вклученост на руралната жена во имплементација на проекти од повеќе области.

Во оваа публикација се елаборирани состојбите во кои се наоѓа руралната жена, низ истражувања, спроведени електронски и физички, на терен во домовите на руралните жени, а истражувањето опфати вкупно 351 испитаници, од кои 176 мажи и 175 жени.

Публикацијата ги сумира резултатите од проектот и дава конкретни насоки за имплементација на мерки и чекори кои ќе овозможат унапредување во однос на препораките од Европската комисија кои се однесуваат на поглавје 23 со акцент на темелните права, особено делот на заштита од дискриминација на руралната жена. Публикацијата може да се користи за едукација на руралната жена за нејзините темелни права, да придонесе кон социо-економско јакнење на руралната жена, но и да воспостави трајни врски со Владата на РСМ и надлежните министерства во процесот на спроведување на препораките на Европската комисија кои се однесуваат посебно на поглавје 23. Изработените промотивни материјали, согласно проектната документација наменети се за јавноста во насока на подигнување на јавната свест за разбирање на реформските процеси во поглавје 23 (Судство и фундаментални права), со акцент на дискриминацијата на руралната жена и можностите за нејзино успешно фнкционирање во општество без стереотипи и предрасуди, со елиминирање на сите форми на дискриминација на руралната жена.

Спроведените активности, кои директно ги следат препораките на Европската комисија, дејствуваат пред се, во насока на создавање на подобро утре на руралната жена, нејзино изедначување со жената од урбаните средини, дури и комплетно презентирање на нејзиниот потенцијал, преку успешни примери на среќна, рамноправна и успешна жена – претприемач.

Овој водич е плод на шестмесечна деноноќна посветеност исполнета со многу љубов да се дејствува сега, во неколку конкретни случаи, со цел утре, животот да биде подобар за многу идни генерации.

Основата е поставена, целта е постигната. Нејзината надградба е во рацете на секој поединец, на целото општество.

Тука не застануваме. Продолжуваме по патеките кои создаваат напредок. Јасно поставената цел е цврст темел врз кој продолжува изградбата на грандиозно дело од голем општествен бенефит.

Пораката е јасна: Само заедно, обединети сите структури, почнувајќи од граѓанските организации, до органите на власта, можеме да креираме стабилна иднина и да ги решиме проблемите кои претставуваат закана за утрешнината.

Оваа публикација, прикажува како Здружението за едукација на земјоделците Зелена берза со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија, покажа дека кога се знае како, успехот е гарантиран.

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close