вестиСоветиТоп вести

Заразна кривотница кај овци и кози

Причинител и симптоми Заразната кривотница кај овците и козите е пренослива болест на чапунките која се манифестира со трулење (некроза) на ткивото меѓу чапунките. Болеста е хронична, а се јавува 5-10 дена после инфекцијата. Болеста нанесува големи штети на одгледувачите преку намалувањето на производството на волна, месо и млеко, како и зголемени трошоци за лекување на грлата, а може да дојде и до угинување на овците, доколку се занемарува болеста. Причинител на болеста е анаеробната бактерија Bacteroides nodosus, а останатите микроорганизми кои ќе се најдат во жариштето предизвикуваат секундарни инфекции. Извори на заразата се болни овци и кози кои не покажуваат клинички симптоми на болеста, но причинителите ги носат на нозете, потоа заразени патишта, подови од шталите, трла и пасишта. Болеста најчесто се појавува на влажни подлоги. Причинителите на болеста влегуваат во организмот на овцата и козата преку повредите на кожата меѓу чапунките. При постојано престојување на животните на влажен под во шталите, на свежо ѓубре или осока, или при движење на влажни терени, се омекнува рожнатиот дел меѓу чапунките, па од триењето на папците се создаваат ранички преку кои навлегуваат причинителите на болеста. Развојот на болеста е поголем во дождовните периоди и на влажен терен. Инкубацијата трае 10-14 дена. Први знаци на болеста се црвенило на кожата во делот меѓу чапунките, лесни отоци и некротични рани на кожата. За 8-10 дена воспалението се шири на сите страни на папокот, рожината се распаѓа и гние, а при преглед на нозете се чувствува непријатен мирис. Обично заболуваат двете чапунки, а може да дојде и до отпаѓање на чапунката. Штом воспалението се прошири, овцата почнува да криви, кога се тера на пасишта заостанува зад стадото. Ако се заболени само предните нозе овцата оди на колена, а кога се зафатени сите нозе овцата не може да стои, па претежно лежи. Поради тоа заболените овци не можат да се хранат и нагло ослабуваат, а поради компликации во облик на тешки воспаленија на зглобовите може да дојде и до угинувања. Болеста не поминува сама од себе туку треба правилно да се лекува.

 Лекување

Секој добар дезинфициенс може да послужи како лек против заразна кривотница. Во тераписката постапка важно е причинителот да се направи да биде достапен за делување на лекот. Тоа се постигнува со енергична хируршка обработка на чапунката, при што се отстранува оштетениот, трулиот и некротичниот дел од чапунката. При отсекувањето на трулиот дел,

треба да се внимава да не се повреди здравото ткиво. Очистените чапунки треба да се исперат во раствор со дезифициенс (на пример во раствор пд Cetavlon), или да се потопат 15-20 секунди во растворот. После перењето и исцедувањето неколкупати последователно чапунките треба да се испрскаат со дермоспреј. После обработката и испирањето на чапунката, овцата треба да се држи на суво место. Испирањето со дезифициенс и прскање со деоспреј, треба да се повторува на секои 2-3 дена, се до конечно оздравување. Најдобри резултати во лечењето се постигнуваат налето, во суви временски прилики. Лечењето треба да се спроведува на целото стадо, а овците со понапреднат стадиум на болеста, кога се зафетени повеќе нозе и ако се свлечени чапунките, треба да се испратат на колење, додека се во подобра телесна кондиција. Превентивни мерки за спречување на кривотницата Заразната кривотница се смета дека е болест на оние ,,овчари,, кои не внимаваат на сместувањето и чувањето на овците во шталата. Мерките за спречување на заразата се сведуваат на искоренување на болеста вп стадото и спречување на нејзина појава во стадото. Штом болеста се појави треба да се започне со лечење, да се одвојат болните од здравите грла, а здравите грла редовно да се протеруваат преку базен сп 5-10% раствор од син камен. После режењето и чистењето на заболените чапунки сите отпадоци треба нештетно да се отстранат (најдобро да се запалат), а инструментите да се дезинфицираат. После спроведеното лечење животните треба да се сместат на пасиште кое не е заразено со причинителот на болеста. Причинителот на болеста е чувствителен на надворешни услови па угинува за 7 дена при суво време, а за 14 дена при влажно време. Ако е можно да се воведе напасување, водејќи сметка овците да се вратат на истото пасиште најмалку после 14 дена. При купувањето на овци и кози треба да се спречи да влезат заболени грла во стадото, и тоа на следен начин: чапунките и нозете до колена да се исперат со дезинфиционен раствор, по потреба папците да се изрежат, а потоа уште месец дена грлата да се држат одвоени од стадото. За да се спречи појавата на болеста во стадото, не е препорачливо да се позајмуваат овни на други стада или да се позајмуваат овни од други стада. Во подрачја каде што често се појавува заразната кривотница, треба да се постават плитки базени со 5-10% раствор од син камен пред влезот во шталата, така што овците и козите секојдневно при секој влез и излез ќе ги мијат нозете во растворот.

Јелица Бешлиќ

АПРЗ

Слични написи

Back to top button
Close