Заврши Културно лето 2019 во општина Новаци

(Oвој напис е објавен на: August 22, 2019)

Со Фестивалот –Избор на летен фолк хит на Македонија 2019 и концерт на Јордан Митев  синоќа заврши манифестацијата Културно – забавно Лето Новаци 2019. Оваа година се потврдија сите цели , сите очекувања и предвидувања за оправданоста на идејата и опстојувањето на оваа манифестација во општина Новаци . Доказ за ова е големата посетеност на сите настани што беа организирани во рамки на манифестацијата.

На 7 локации во општина Новаци во с. Градешница, с. Бач, с. Гермијан ,с. Добромири, с. Г.Агларци , с.Новаци и излетничко место Коњарка  годинава околу 4500 посетители ги проследија вкупно 10-те културни настани од програмската содржина на Културно забавното лето на кои учествуваа десетици естрадни уметници , ансамбли , културно – уметнички друштва , актери –хумористи и детски музички ѕвезди. Преку своите содржини  Културното лето доби  предзнак на манифестација  која се залага за зачувување на македонските културни вредности , традиции и обичаи.

Најголеми  заслуги за успешноста и опстојувањето  на една ваква манифестација имаат општина Новаци и градоначалникот Љубе Кузманоски како и  советот на општина Новаци како главни покровители на манифестацијата и организаторот, Здружението за мода Пикси студио .

На самото затворање кое беше проследено од 1500 посетители од цела Пелагонија и пошироко како и наши иселеници од дијаспората имаше свое обраќање   градоначалникот Љубе Кузманоски.

– Како локална самоуправа се надеваме дека со  богатиот репертоар на културни настани  го подигнавме  нивото на културно живеење на граѓаните на О. Новаци. Општината  и советот  како покровители на  манифестацијата даваат силна поддршка  ќе продолжат и во иднина финансиски да го поддржуваат Културното Лето  , во интерес на граѓаните . Се надеваме дека оваа манифестација ќе стане своевиден бренд  кој секое лето  ќе придонесува за културно освежување и можност граѓаните токму во своето место на живеење да доживеат една поинаква културна манифестација. Воедно овозможивме и рамномерен локален културен развој . Богатата и разновидна програма допре на секаде и до секого дури и до граѓаните во најоддалечените населени места  и го промовиравме мотото на Министерството за култура –култура до сите и за сите .Во двомесечната културна програма  организаторите се потрудија  да ги задоволат вкусовите на сите генерации на граѓани  што дава поттик традицијата на одржување да продолжи и во иднина  “-истакна Градоначалникот Кузманоски.

Синоќа на Фестивалот –Избор на Летен Фолк Хит на Македонија 2019 учество зедоа познати естрадни уметници и музички групи меѓу кои Јордан Митев,  Ирена Спасовска , Марјан Коцев , Елена Јовческа , Стојне Николова, Благоја Стојановски-Туше , Дарко Билбиловски , Ташко Каранфиловски, Ванчо Тарабунов , и многу други како и музичките групи Милениум , Црешово топче и Маестрал.

Share Button