Здрава Нова 2021
Од наш агол- Ех 2020, баш беше грозна, Да беше ручек, сигурно би била брокула, Да беше облека, би била оној џемпер кој боцка, Да беше топка, би била дупната, Ама се уште не е готово ! Спремни сме да ти покажеме заби и за твојот најубав крај да го поделиме она што е најдобро во сите нас ! Во 2021 ќе бидеме погрижливи и уште похрабри, повеќе ќе се забавуваме, повеќе ќе учиме и најмногу од се’, се ќе споделуваме, затоа што, Оваа криза не научи дека колку што е годината полоша, толку сме ние посложни ! (инспирирано од рекламата на Телеком Хрватска)
Ех 2020, баш беше грозна,
Да беше ручек, сигурно би била брокула,
Да беше облека, би била оној џемпер кој боцка,
Да беше топка, би била дупната,
Ама се уште не е готово !
Спремни сме да ти покажеме заби и за твојот најубав крај да го поделиме она што е најдобро во сите нас!
Во 2021 ќе бидеме погрижливи и уште похрабри, повеќе ќе се забавуваме, повеќе ќе учиме и најмногу од се’, се ќе споделуваме, затоа што,
Оваа криза не научи дека колку што е годината полоша, толку сме ние посложни !
(инспирирано од рекламата на Телеком Хрватска)
Како времето поминува се повеќе не загрижува економската криза, покрај стравот од невидливиот непријател Ковид-19. Голем дел од работниците останаа без работа, а добар дел од нив работат од дома, во неизвесност до кога ќе бидат ангажирани и дали и на нивната врата ќе чукне безработицата и беспарицата. Потпишувањето откази стана секојдневие.
Не им е лесно ни на работодавачите кои пред кризата се задолжија со кредити, а прометот паѓа ли паѓа, зошто граѓаните најчесто парите ги трошат во маркет и во аптека.
Луѓето оправдано се загрижени, едни за здравјето, други за работата, за бизнисот… Иако и едните и другите и третите се надеваат дека од сето ова ќе излезат неоштетени, сепак не се знае дали им е потешко на работниците или на работодавачите.
Многу фирми се затворени особено оние кои се занимаваат со услуги како туристичките агенции, хотели …тешко им е и на оние кои работат сезонски работи. Сите овие не можат да работат од дома, како што на пример се преориентираа дејностите поврзани со технологијата. Се’ на се, малите фирми и претпријатија најтешко ја поднесуваат економската криза. Јасно е дека накрај кога ќе помине пандемијата силно ќе ги почувствуваат последиците од кризата.
Солидарност
На власта уште од почеток и беше јасно дека пандемијата нема да помине без економски ефект. Некои аналитичари предвидоа дека кризата можеби ќе биде потешка од онаа во 2008 година, зошто добар дел од секторите речиси и да не постојат. Веќе влеговме во рецесија, со негативен раст. Очигледно државата не успеа да ги спаси работните места на многу работници ниту бизнисите на многу приватни фирми, иако на почеток најави дека ќе ги помага тие што ќе ги задржат вработените.
Едно е јасно дека државата треба повеќе да се вложи и да преземе мерки, и како што ќе биде заштитен државниот сектор треба да биде заштитен и приватниот сектор. Фер е на луѓето од приватните фирми да им се каже да не се грижат, а не никој да не им гарантира баш ништо, никаква сигурност. Не е фер работниците и работодавачите од приватниот сектор целиот ризик да го сносат сами. И да не се заборави фактот дека плата за јавниот сектор нема да има ако приватните фирми и работниците не плаќаат даноци и не придонесуваат во државниот буџет. Зошто во сите овие изминатите месеци од почетокот на кризата се потврди дека најзагрозени се оние кои го полнат буџетот.
Затоа, како никогаш досега повеќе од се ни е потребна солидарност, сите сложно да ја поделиме заедничката судбина. Солидарност, зошто крајните последици врз економијата од оваа криза се тешко предвидливи, постои голема неизвесност колку таа ќе трае, дали до пролетта 2021, или пак, ќе се јави нов бран на пандемијата и, доколку се јави, каков ќе биде нејзиниот интензитет, што последици ќе остави.
Сепак, во едно треба да се сложиме дека оваа криза, многу повеќе отколку во 2008 се рефлектира врз целото општество како општествена криза. Зошто не страда само економијата, туку здравството, образованието, науката, културата…
Ех, тука да не ги заборавиме и психолошките последици, зошто секој од нас стравува од заразата, од невидливиот смртоносен непријател. Сите се соочуваме со неспокој, нервоза, а и како тоа да го надминеме во услови на изолација и самоизолација, во услови кога ги прекинуваме комуникациите и дружбите и со најблиските и секој од секого се плаши.
Да извлечеме поука од најнепредвидливата година на овој век. Сфативме дека:
- Нашето семејство е нашето богатство
- Грижата за најблиските и за најранливите категории е наша обврска
- Материјалното богатство не е најважно
- Стабилноста на духот и внатрешниот мир е привилегија
- Нашата дисциплина не штити и нас и нашите сакани
- ЗДРАВЈЕТО Е НАЈГОЛЕМО БОГАТСТВО
Пред нас е нова деценија!
Пред нас е Новата 2021 година. Пред нас е Божиќ.
Затоа, дозволете Божиќ да се случи во Вашето срце, љубовта да се раѓа секој ден одново, затоа што Божиќ станува видлив во секоја љубов меѓу луѓето.
„Зелена берза“ Ви посакува здравје, сила, спокој и благосостојба за вас и вашите семејства!
Новата година да ја започнеме со позитивни мисли и силна верба и надеж за поголеми успеси и подобро утре!
Христина Фуна