вестиТоп вести

Земјоделците имаат право на враќање на данок

Оданочувањето на приходите од земјоделска дејност е голем предизвик како за даночната администрација, така и за самите земјоделци. Со започнување на сезоната на откупи на земјоделски производи, зачестија прашањата во врска со данок од доход. До редакцијата на Зелена берза стигнуваат прашања  поврзани со  данокот: кој се е обврзан да плаќа данок, до која сума  на остварен доход се плаќа, која е постапката за враќање на данок и сл.

На почетокот од оваа 2019 година стапи во сила Законот за данок на личен  доход со кој секое физичко лице кое остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на исплатувачи (откупувачи на земјоделски производи) и други физички лица (надвор од организирани зелени пазари) е обврзан да плати данок на доход.

Данокот се пресметува кога од остварениот доход се одземе фиксен износ на нормирани трошоци (трошоци кои земјоделецот ги прави за да произведе) во висина од 80%, на разликата од 20% од доходот се применува даночна стапка од 10% за доход до 1 000 000 денари, односно даночна стапка од 18% за остварен доход кој надминал износ над  1 000 000 денари.

Од УЈП велат дека согласно законот, постојат одредени услови за да може да се користи поедноставниот даночен режим за оданочување на остварениот доход од продажба на земјоделски производи, односно:

-секое физичко лице (независно дали е регистриран како индивидуален земјоделец или не), кое остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи има обврска да плати данок на доход;

-земјоделските производи кои ги продава да се во негова сопственост односно истите тој да ги произведува / одгледува;

-за да се признаат 80% од доходот како нормирани трошоци, физичкото лице сопствените земјоделски производи треба да ги продава на исплатувачи (регистрирани фирми кои вршат откуп на земјоделски производи) или на други физички лица (надвор од тезги на зелени пазари);

-доколку доходот од продажба на сопствени земјоделски производи на годишно ниво надмини износ над 1 000 000 денари, физичкото лице наредната година најдоцна до 15 јануари, треба да се регистрира за вршење на стопанска дејност согласно закон.

Од споменатите законски услови, произлегуваат и одредени права и обврски за земјоделците.

Право на враќање на данокот!

Физичките лица кои остваруваат доход само од продажба на  сопствени земјоделски производи (да немаат други примања освен тие од земјоделие), УЈП по службена должност ќе им го врати задржаниот/платен данок, под услов годишниот доход по овој основ да изнесува најмногу до 1 000 000 денари.

Обврска за секое физичко лице (земјоделци) е да се регистрира електронски на системот е-Пероснален данок (e-pdd.ujp.gov.mk) за да имаат увид во оданочивите приходи исто така и да следат колкав износ на данок ќе им биди вратен. Откако еднаш се имаат регистрирано електронски, со истиот кориснички профил можат да ја користат и апликацијата Мој ДДВ за да вратат 15% од ДДВ во фискалните сметки.

Заради појаснување на целата постапка од УЈП даваат неколку практични примери:

Пр.1 Лицето НН, не е регистриран земјоделец (односно е вработен во приватна фирма), одгледува овошни насади и продава јаболка на откупувачи (ХХ).

При крајот на сезоната лицето НН продава јаболка кај откупувач ХХ во износ од 85 000 денари, откупувачот при исплатата за откупените јаболка го задржува и плаќа данокот на доход, електронски по следната формула:

вкупен износ за исплата 85 000 – 80% нормирани трошоци = 17 000 денари х 10% данок на доход = 1 700 денари задржан данок, земјоделецот на сметка ќе добија 83 300 денари.

Во овој случај, данокот е задржан и платен од страна на откупувачот ХХ, физичкото лице има обврска само да се регистрира електронски на системот е-пдд како би имал увид во доходот и платениот данок. Лицето НН заради тоа што остварува и други приходи (плата), нема право на враќање на задржаниот данок, независно што доходот од земјоделеие е под 1 000 000 денари.

Пр.2 Лицето ММ се занимава исклучиво со земјоделие (не е вработен, не остварува други приходи, егзистира од земјоделие), одгледува овошни насади и продава јаболка на откупувач (ХХ).

При крајот на сезоната лицето ММ продава јаболка кај откупувач ХХ во износ од 85 000 денари, откупувачот при исплатата за откупените јаболка го задржува и плаќа данокот на доход, електронски по следната формула: вкупен износ за исплата 85 000 – 80% нормирани трошоци = 17 000 денари х 10% данок на доход = 1 700 денари задржан данок, земјоделецот на сметка ќе добија 83 300 денари.

Во овој случај, данокот е задржан и платен од страна на откупувачот, физичкото лице има обврска само да се регистрира електронски на системот е-пдд како би имал увид во доходот и платениот данок. Лицето ММ заради тоа што нема други приходи, освен тие од земјоделие, задржаниот и платен данок ќе му биди вратен од страна на УЈП, доколку годишните приходи од земјоделие не надминуваат износ над 1 000 000 денари.

Пр.3 Лицето ВВ одгледува пчели, произведува мед, истиот го продава на други физички лица (надвор од зелени пазари). Ова лице остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи (мед) и има обврска да се регистрира електронски на системот е-пдд со цел сам да се оданочи – заради тоа што не постои откупувач кој би го задржал и платил данокот при исплатата, лицето само треба да направи пресметка на системот е-пдд за да добие налог за плаќање на данокот (формулата за пресметка е иста како примерот погоре). Правото на враќање на данокот и за ова лице е согласно примерите погоре, појаснуваат од УЈП.

П.Ј.

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close