Земјоделците од Мустафино и Ерџелија добија вода за наводнување
Штип
Потече вода од системот за наводнување низ земјоделските култури во атарите на светиниколските села Мустафино и Ерџелија.
Професионалниот земјоделец, Игор Атанасов вели дека по 20 дена немање вода од денеска веќе се наводнуваат нивите под луцерка, пченка и останатите култури, а како што вели тој, пуштањето на водата доаѓа по вчерашната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
– На средбата со министерот договорено е во наредните 10 дена без прекин да имаме вода за наводнување, бидејќи ја немавме речиси 20 дена. По овие 10 дена да има рестрикции, колку што е договорено според планот, за да може водата да пристигне и до земјоделците од другите села во овој регион. Договорено е и утре или во среда да имаме повторно средба со министерот, вели Атанасов.
Земјоделците од селата Мустафино и Ерџелија пред два дена со своите трактори протестираа пред општинската зграда во Свети Николе, барајќи да им се пушти водата за наводнување. Во овие две села има над 250 професионални земјоделци, а обработуваат околу две илјади хектара земјоделско земјиште.
извор: Слободен печат