
Земјоделци сѐ помалку, храна од увоз сѐ повеќе
Во последната деценија, бројот на ангажираните во земјоделскиот сектор се намалил за повеќе од половина, што е сериозен сигнал за состојбата во оваа стратешка гранка.
Нивите обраснати со плевел, а на пазарите и во маркетите увезена храна. Тоа е реалноста со која Македонија се соочува години наназад. Само за една деценија работната сила е преполовена, производството се намалува, а потребите се задоволуваат со увоз, кој минатата година го надмина прагот од една милијарда евра. За тие пари, од 119 земји ширум светот кај нас пристигнале 784.841.000 килограми разно-разни прехранбени производи.
Државата не е способна самата да си обезбеди храна. Уште полошо, не презема конкретни мерки да го спречи или да го забави овој погубен тренд за домашното земјоделско производство. Од 2014 до 2024, во просек, годишната потреба за увоз се зголемувала за 10.832 тони. Паралелно со тоа, растат и сумите што се одлеваат во странство. Просечно, за околу 54,95 милиони евра годишно во изминатата деценија. Истовремено, во секторот земјоделство, шумарство и рибарство бројот на активните лица е намален за 51,12 проценти. Податоците на Државниот завод за статистика што ги анализира порталот Пари, се загрижувачки.
„Во последната деценија, бројот на ангажираните во земјоделскиот сектор се намалил за повеќе од половина, што е сериозен сигнал за состојбата во оваа стратешка гранка. Намалениот интерес за работа во земјоделството е резултат на неколку клучни фактори, меѓу кои се ниските приходи, несигурниот пласман на производите, недоволната поддршка за малите земјоделци, недостатокот на системски решенија за социјална заштита, негативното влијание на климатските промени, изразениот тренд на иселување. Земјоделството не е атрактивно како дејност за младите и воопшто, за целото население во државата“, вели Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во Националната федерација на фармери.