
Земјоделците бараат од државата 5 денари по килограм откупена пченица од Интервентниот фонд Здрженијата на
Здруженијата на земјоделци се со став дека оваа година жетвата поминала со катастрофално ниски цени кои не им ги покриваат трошоците за производство на лебното жито
БИТОЛА – Пелагониските земјоделци, производители на жито се незадоволни од откупната цена на пченицата која се движи од 10 до 9,5 денари за килограм и бараат од државата доплата од 5 денари по килограм, средства од Интервентниот фонд, објави https://nezavisen.mk/zemjodelcite-baraat-od-drzhavata-5-denari-po-kilogram-otkupena-pchenica-od-interventniot-fond/.
Здрженијата на земјопделци се со став дека оваа година жетвата поминала со катастрофално ниски цени кои не им ги покриваат трошоците за производство на лебното жито.
На средбата во Прилеп што се одржа синоќа, земјоделците побараа час поскоро да им се исплатат субвенциите за 2024 за предадена пченица, по површина и семенски материјал како и субвенциите по остварен принос, да се направи корекција во Програмата за субвенционирање за 2026 година и да се стопира увозот на пченица и брашно од Србија.
„Го следиме патот на пченицата, дел се извезе во соседството, а дел е складирана кај земјоделците. Дел од житото, пак е складирано кај трговци кои чекаат тендер за откуп на родот за државните резерви. Трговците не беа контролирани од никого и толку многу ја намалија цената за да има поголема разлика за тендерот за да можат да си поделат, ако има тука нешто симптоматично, а има сигурно оти истите ‘актери’ се појавуваат кога ќе има тендер за стоковите резерви за пченицата“, изјави на средбата Миле Кебакоски од Здружението „Југозапад Фармери“ од Пелагонија.
Во однос на барањето за корекција за субвенционирањето во Програмата за 2026 година, Кебакоски вели дека има проблематични ставки.
„Есента по старата програма сеевме 150 килограми по хектар семенски материјал, поднесуваме за субвенции, а по новата програма се бара 200 килограми по хектар семенски материјал. Значи ние сме посеале, сега не можеш ни фискална сметка да најдеш, ни фактура, завршните сметки беа до Нова година“, се пожали Кебакоски.
Земјоделците реагираат дека доцна е за состаноци, затоа што житото се откупи за џабе.
„Зошто му е сега состанок кога житото се предаде и прекупците ќарија по 2 денари од килограм, а можеби и повеќе на маката на земјоделците. Пченицата ни ја зедоа беспари, а сега и лебот ќе го поскапат. Значи ние работиме за да се богатат трговците и пекарите, ова никаде го нема. Пред 5 до 6 години пченицата ни ја зедоа за 19 денари, лебот не се поскапи, сега житото се откупи на 9 и пол до 10 денари, а лебот ќе поскапи“, критикува земјоделецот Златко Џумковски.
Младиот земјоделец Метин од Конче во иронија коментирата дека состаноците за повисока цена на жетвата се задоцнети.
„Нели е малку ‘рано’ за состанок за пченицата, пченицата отиде за мизерни 10 денари сега состанувајте се секој ден ако сакате“, вели Куртов.
А.Блажевска



