Земјоделски аларм: третина ниви незасеани, парцелите мали и расцепкани

(Oвој напис е објавен на: February 24, 2017)

Третина ниви се необработени, а парцелите се мали и расцепкани. Ова се главните проблеми на земјоделството. Според Државната статистика во Македонија половина од земјиштето или речиси 12.644 кмсе пасишта, ниви, лозја и овоштарници.

zemjodelski alarm tretina nivi nezaseani parcelite mali i rascepkani

 

Половина Македонија под земјоделско земјиште

Речиси половина Македонија е под земјоделско земјиште – ниви, лозја и пасишта. Од вкупната површина, 25.713 квадратни километри, 12.644 кмили 1.264.408 хектари се земјоделска.

Најголем дел или 7.503 кмсе пасишта, ораници и бавчи се 4.150км2, ливади 594 км2, лозја 232 км2, а овоштарници 159 км2.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2015-та во однос на 2014-та вкупните земјоделски површини се зголемиле за 12.5% км2 или 0.1%.

Третина ниви остануваат незасеани

Речиси половина од ораниците и бавчите остануваат незасеани. Според пресметките на статистичарите од вкупната површина од 415.004 хектари засеани биле само 276.567.

Ова мора да се промени велат агроекономистите според кои потребно е да се направат посебни програми и стратегија како да се натераат земјоделците да ги обработуваат овие површини,на пример преку дополнителни субвенции.

„Најчесто овие необработени површини се во ридско – планинските делови, но има и во рамничарските делови. Секако штетата што не се обработуваат е голема. Сигурно има околу 50.000 хектари кои можат слободно да се обработуваат, да се посеат со житни култури како пченица, пченка, ‘рж, јачмен, овес и добиточна храна. Ние сме нето увозници на сите овие култури и трошиме милиони евра. А така не само што ќе ги покриеме домашните потреби туку ќе има и за извоз“, вели агроекономистот и универзитетски професор во пензија Борис Анакиев.

Од засеани површини најголем дел или 58% се под жита, 19% под зеленчук, 14% под фуражни и 9% под индустриски култури.

Расцепкани парцели – мали приноси

Освен слабиот процент на искористеност дополнителен проблем се малите и расцепкани парцели на земјоделците. Едно домаќинство во просек има по 5 оддалечени ниви, а голем дел од нив и до 10 со што се зголемуваат трошоците за нивна обработка.

Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014 – 2020 предвидува субвенции за окрупнување на површините, но засега резултатите се слаби.

„Малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на земјоделското земјиште се најголемите проблеми за македонското земјоделство, што резултира со неефикасна употреба на земјоделското земјиште. Необработеното напуштено земјиште е исто така сериозен проблем за понатамошен развој на секторот“, се заклучува во стратегијата.

Преку европските ИПА фондови за оваа и за следната година се обезбедени два милиони евра за консолидација односно окрупнување на земјиштето.

„Малите и фрагментирани површини, како и големиот број просторно раздвоени парцели сè уште се една од клучните слабости на македонското земјоделство која го лимитира обемот на производството, создава дополнителни трошоци, оневозможува примена на современи агротехнички мерки и механизација“, се наведува во образложението на ИПА програмата.

Земјоделците се свесни дека мора да работат на окрупнување на површините, но велат дека тоа оди многу тешко.

„Во Македонија во моментов има од 3.5 до 4 милиони парчиња земја. Ако се знае дека овие површини се одделени со меѓи има над 50 000 хектари неплодно земјиште само поради овие причини. На групирањето на земјиштето мора да се посвети посебно внимание. Ќе има подобра искористеност на земјоделската механизација како и намалување на трошоците на производство.Од друга страна ќе треба на некој начин да се решат проблемите наследени од минатото. Нерешените имотно – правни односи кај земјоделците можеби е најголемиот проблем, за што во иднина државата ќе треба да посвети големи внимание“ вели претседателот на Сојузот на земјоделци на Македонија Вељо Тантаров.

Малите расцепкани парцели не се проблем само во Македонија туку и во целиот регион. Просечната  големина на земјоделските стопанства е од 2.5 до 2.8 хектари, а на катастарските парцели 0.3 до 0.5 хектари што е далеку под европскиот просек кој изнесува 20.

Share Button