fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Земјоделскиот институт-Со демонстративните опити ќе се оцени влијанието на климатските промени врз производството во различни услови

Целта на проектните активности е мултипликација на семенски материјал на демонстративни опити од грав, пиперка и есенски јачмен кои ќе бидат поставени на две локации (региони).

Земјоделскиот институт при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје започна да спроведува активности за поддршка на регионален проект од Програмата за техничка соработка на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), насловен ‘’Создавање погодна средина за подобрена отпорност на земјоделството на климатските промени’’.

Целта на проектните активности е мултипликација на семенски материјал на демонстративни опити од грав, пиперка и есенски јачмен кои ќе бидат поставени на две локации (региони). Опитите од грав ќе се спроведуваат во Кочани, опитите со пиперка ќе бидат поставени во Скопскиот регион и Кочани, а есенскиот јачмен во Велешкиот регион и Кочани. Со демонстративните опити ќе се оцени влијанието на климатските промени врз производството во различни услови, како и ефектите од примената на различни агротехнички мерки за зголемување на отпорноста на одгледуваните видови кон климатските промени. Во текот на вегетацијата ќе бидат применети различни практики и агротехнички мерки соодветни за секоја култура, со посебно внимание на заштитата и исхраната на овие култури, како важни предуслови за успешно земјоделско производство. Крајната цел на овие активности е добивање на квалитетен семенски материјал, што понатаму ќе биде достапен за дистрибуција на заинтересирани земјоделци.

Негативните влијанија на климатските промени претставуваат најголема закана за земјоделското производство, а предизвиците со кои се соочуваат земјоделците од година во година се се’ посериозни. Затоа, од особена важност е да се подобрат сознанијата на земјоделците и производителите за ризиците и проблемите кои ги очекуваат, како и можните решенија за нивно надминување преку преземање на конкретни мерки и активности во производството. За да им се помогне на земјоделците да ги прилагодат начините на производство, како и да обезбедат оптимални приноси и квалитетен семенски материјал, во рамките на проектот, ФАО и Земјоделскиот институт во Скопје ќе организираат серија на практични обуки за заинтересираните земјоделци на неколку важни теми, вклучително: „Производство на семе од пиперка, грав и јачмен“, „Предуслови за раст на културите и избор на сорти“, „Примена и евалуација на мерките за интегрална заштита од  штетници“, „Влијание на климатските промени врз приносот и квалитетот на пиперот, гравот и јачменот“, како и “Ефективни агротехнички мерки за зголемена отпорност на абиотски стресови”.

За дополнителни информации, контактирајте нè на e-mail: info@zeminst.edu.mk

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close