вести

Земјоделските компании ќе имаат уште еден месец да подготват квалитетни проекти

vlada

Со ИПАРД 2 на земјоделците и земјоделските компании им стојат на располагање 60 милиони евра кои треба да се искористат најдоцна до 2020 година. Мерките остануваат исти како и во првата програма, но со зголемено кофинансирање од 50 на 60 отсто. Инаку, претходно рокот за аплицирање беше до 23 јуни, а земјоделците, задругите и земјоделските компании имаа само 45 дена да го сторат тоа

По барање на земјоделските компании, рокот за доставување на барања за користење ИПАРД средства од Програмата 2014-2020 се продолжи до 21 јули 2017 година. Целта, како што велат од МЗШВ е да се изготват поквалитетни проекти за искористување на европскиот фонд за поконкурентно земјоделство.

Со ИПАРД 2 на земјоделците и земјоделските компании им стојат на располагање 60 милиони евра кои треба да се искористат најдоцна до 2020 година. Мерките остануваат исти како и во првата програма, но со зголемено кофинансирање од 50 на 60 отсто. Инаку претходно рокот за аплицирање беше до 23 јуни, а земјоделците, задругите и земјоделските компании имаа само 45 дена да го сторат тоа.

Финансиските средства од ИПАРД програмата 2014-2020 се наменети за инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства, инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи и диверзификација на фармите и развој на бизниси.

Една од целите кои треба да се постигнат со продолжување на рокот на аплицирање е и поголемо искористување на парите од ИПАРД 2. Ресорното министерство веќе има потпишано договори во висина од 10 милиони евра, кои треба да се искористат до крај на 2018 година.

За успешна реализација на овие средства формиран е стручен тим од 80 агробизнис инженери кои веќе ги посетиле земјоделските стопанства и им ги објасниле условите за аплицирање и начинот на изготвување на апликации. Со цел да им помогнат на земјоделците за полесно добивање на средствата МЗШВ изготви 27 готови технички проекти во сите сектори во земјоделството и истите ги достави до Подрачните единици. Овие проекти, кои беа главна причина за слабото искористување на средствата од ИПАРД 1, земјоделците сега ќе ги добиваат бесплатно.

За поголема искористеност на средствата од ИПАРД 2 програмата воведен е и Гарантен фонд, кои обезбедува гаранција за 50 отсто од висината на побараниот кредит. Причината за воведување на ваков Фонд е проблемот кои земјоделците го имаа за добивање на кредити од банките кои бараа хипотека. За потсетување за да се добијат средства од ИПАРД-програмата прво треба да се реализира проектот, а потоа да се вратат средства. Фондот ќе функционира во наредните 10 години и преку него е планирано да се пласираат кредити во висина од 26 милиони долари за модернизација на земјоделството.

Во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2017 година издвоени се 15 милиони денари за мерката “Субвенционирање на каматната стапка# во висина од 50 отсто од висината на каматната стапка на годишно ниво. Помошта е наменета за кредити кои имаат годишна каматна стапка до 8 отсто на годишно ниво и не се повисоки од 500 илјади евра.

Целта на ИПАРД Програмата 2014-2020 е преку соодветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор, преку нивно усогласување со стандардите на Европската Унија и постигнување на одржлива животна средина и социоекономски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување.


 

вечер

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close