Што да се прави кога си останал без работа, а треба д се грижиш за својата и егзистенцијата на фамилијата? Одговор на ова прашање бараат многу луѓе. Земјоделското земјиште што останало во наследство можеби е последното на кој некој ќе се сети, но сепак помага.
Благоја Николовски е млад земјоделец кој се вратил на своите корени во с. Бучин. Знаењето што го стекнал од своите студии по менаџмент го споил со искуството од неговите родители и започнал да се занимава со земјоделие. Располага со 6 ха земјиште на кое одгледува житни и градинарски култури како и тутун. Веќе 5 години се занимава со земјоделство. На прашањето колку е задоволен од досегашната работа, од сработеното и добиеното, еве што одговори за Зелена берза:
-Од сработеното сум задоволен, но од добиеното не сум. Цените на одредени култури беа многу ниски. Приносите за некои беа добри, за некои не беа многу задоволителни. Успеав некако да ги покријам направените трошоци, но за живот остана многу малку. Кога немам друго што… морам да продолжам и оваа година. Житариците веќе се посеани, а во моментот актуелни се расадите за градинарските култури и тутунот. Од квалитетот на расадот ќе зависи и квалитетот на произведеното, вели Благоја.
Од година во година се повеќе е проблем пласманот на производите. Благоја е свесен дека цената на производите е поврзана со економските показатели на европската берза. Во годините кога има зголемена побарувачка на одредени производи е добра, но кога е обратно тогаш е борба за опстанок. Токму заради тоа одлучил да не сади повеќе кромид, а сега цената на кромидот е висока. Климатските промени си го прават своето и не може се’ да се предвиди во производството.
-Ова е дуќан на отворено. Ние нашето ќе го направиме, ќе посееме, ќе посадиме и ќе очекуваме добри приноси. Ако е годината врнежлива, се јавуваат почесто болести. Знам дека временските услови се многу важни и токму затоа се консултирам со советниците од АПРЗ. Се обидувам колку што можам да ги следам новините, од користење на квалитетно семе па до употреба на соодветна агро мерка и како треба да биде сработено, објаснува Николовски.
Се обидува да ги решава проблемите онака како што се јавуваат. Вели дека ги има многу и дека не е проблем само пласманот. Благој ги посочува и проблемите со набавката на репроматеријалите и со семињата. Често нивниот квалитет не соодветствува на она за што платил. Исто така посочува и на застарената механизација. Вели дека земјоделците треба да имаат подобри можности за набавка нова механизација за да може да ги следат новините во земјоделството. Се потешко се наоѓа дополнителна работна рака, така што секаде каде што може, добредојдена е механизацијата која значително ја помага работата. Секоја наредна година е се потешка и потешка. Сепак, не му е проблем секојдневно да патува во Бучин за да ги извршува обврските по нивите, бидејќи со семејството живее во Крушево. Добива поддршка од сопругата и родителите и летниот период сите го поминуваат во семејната куќа во Бучин. Ќе продолжи да се занимава со земјоделско производство и како што вели ќе го работи „дуќанот на отворено.“
Павлина Јовановска