fbpx
Вести

Зголемената цена на брашното нема да ги поскапи пекарските производи

Цената на брашното годинава е 30 отсто зголемена и изнесува 240 до 250 евра за тон, за разлика од лани кога беше 180 евра, што според преработувачите нема да влијае на цената на пекарските производи кој ќе останат најевтини во регионот и Европа. Причината зошто и покрај квалитетната домашна пченица увезуваат брашно и пченица од Србија, според нив е пониската цена, односно бараат најдобра цена за најдобар квалитет.

Од Регионалниот сојуз на земјоделците „Клас” велат дека на земјава годишно и се потребни 250 илјади тони пченица, а домашното производство е над 150 илјади тони. Простор за увоз на пченица и брашно има, меѓутоа треба да има сериозна контрола на тоа што колку и од каде се увезува.

Земјоделците од Пелагонија, пак сметат дека македонските преработувачи ја форсираат српската пченица која е со послаб квалитет од домашната. Тие сметаат дека со дополнителната контрола на македонската граница, би се открило што пишува на декларацијата а што во всушност се увезува.

– При набавка на брашно реагираме согласно пазарните услови. Мора да бидеме логични и разумни. Изборот е секогаш најдобар квалитет за најдобра цена или најдобра цена за најдобар квалитет. Тоа е пресудно. Не можеме да навлегуваме во тоа дали пченицата е од Македонија, Србија или други држави, нагласи Горан Георгиевски од „Специјал”.

Не само брашно, туку од Србија се увезува и пченица и пченка. Од фармите за одгледување живина велат дека македонската пченка не ја одбиваат, но многу поквалитетна и со подостапна цена е српската. Од Србија можат одеднаш да ги набават потребните количества, а кај нас треба да купуваат од еден производител пет тона, од друг десет, од трет 20.

– Цената на српската пченка е 118-120 евра за тон. Природно е сушена, има само 14 отсто влага и многу добар квалитет. Исто така, нема никаков проблем со афлатоксини. Нам ни треба и квалитет и цена зашто трошиме по 50-75 тони неделно, а нашата пченка немала никогаш добар квалитет. Сепак, го откупуваме нашето производство, не го одбивме, но ако се направи разлика, српската е со екстра квалитет. Имаат и приноси од 11 до 12 тона по хектар без никаков проблем поради системите за наводнување „капка по капка”, а кај нас приносот е пет до шест тони, велат одгледувачите на живина.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство почнаа да вршат редовни контроли на увозното брашно откако од Групацијата на мелничарите и пекарите при Стопанската комора на Македонија пред почетокот на жетвата побараа брашното увезено од Србија да се контролира на македонска територија.

Покрај контрола при увоз на брашно од Србија, АХВ континуирано врши контроли при увозот на брашно и од другите земји од регионот, се контролира дали маркиците се соодветно залепени на брашното и дали брашното има соодветна декларација. Доказ за тоа се повеќе вратени пратки во земјата на потекло поради незадоволување на законските прописи, изречени казни за пуштање во промет пред добивање на лабораториски резултати и поради незадоволување на квалитетот пренамена во сточно брашно.

 


 

vecer

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close