Зија Исмаиловски – Тутунот годинава е најисплатлив – 500 денари за килограм, „Сокотаб“ ми го откупи во прва класа
Младиот земјоделец Зија вели - никогаш нема да ги напуштам државата и земјоделието!
Зија Исмаиловски (36) од пелагониското село Будаково е млад и амбициозен земјоделец кој има една мисла дека никогаш нема да ги напушти државата и земјоделие зошто како што вели „каменот си тежи на своето место“, а допрва ќе се цени земјоделецот и производството на храна.
Исмаиловски оваа година исклучиво со сопствен труд на седумчленото семејство произведе 6 тони тутун и целиот род го предаде во „Сокотаб“, се во прва клас. Вели дека 3 тони тутун по хектар е одличен род, со наводнување со систем капка по капка.
„Ние завршивме со тутунот за оваа реколта, произведовме над 6 тони тутун засаден на 2 хектари. Задоволни сме од родот. Целиот тутун го предадовме во ‘Сокотаб’ Битола, ни исплатија по 375 денари за килограм, сега очекуваме доплата од 25 денари со покачувањето на откупната цена на 400 денари. И доколку Министерот Трипуновски си остане на зборот со субвенции за прва класа од 100 денари на килограм, значи дека годинава тутунот добро помина со 500 денари откуп“, вели Зија во разговор за „Зелена берза“
Тутунот е најисплатлива култура, вели Зија, особено што оваа година само семејството ја сработило целата реколта без да ангажираат наемни работници.
„Нема потешко од работата на нивите со тутун, раното станување, берењето и нижењето, но во споредба со другите култури, тутунот е најисплатлив за работа“, вели Зија.
Семејството Исмаиловски е едно од ретките земјоделците во Македонија кое обработува над 420 хектари земја. Во изминатата реколта покрај 2 хектари тутун, посадиле 1 хектар бостан, 8 декари пиперки, 160 хектари сончоглед и останатото јачмен и пченица.
„Од родна земја да бегаш на друго место не е едноставно. Допрва да го оставам земјоделие и да одам по фабриките во странство да работам – нема шанса. Го сакам земјоделие. Храната оди нагоре во цените, допрва ќе се сменат уште многу работи во однос на земјоделието и производството на храна во светот и со тоа и кај нас. Се менува иднината во земјоделието и допрва земјоделците ќе бидат ценети“ вели младиот Зија во разговор за „Зелена берза“.
Текст Анета Блажевска