fbpx
ВестиСоветиТоп вести

Зимска резидба на грозјето

Под ампелотехника се подразбираат сите мерки кои се преземаат на виновата лоза во вид на насочување на стеблото или ластарите, резидба или примена на биорегулатори.

Резидба е ампелотехничка мерка со која одредени делови на виновата лоза се прекратуваат делумно или целосно. Резидбата може да биде: на зрело, во период на мирување (зимски одмор) и на зелено, во текот на вегетацијата.
Со силниот должински пораст, ластарот секоја година е подалеку од својот корен за неколку метри. Од окцата на еден ластар секоја година се создаваат 10-20 нови ластари со 10-20 нови окца. Бројот на ластари и окца се зголемува со геометриска прогресија за разлика од коренот кој расте со одредена динамика и капацитет.

Несоодветниот однос помеѓу порастот на надземниот и на подземниот дел предизвикува повеќе последици. Ластарите ја губат бујноста, растат со помала должина. Окцата, ластарите и грозјето не созреваат. Цветањето е послабо. Се создава голема надземна маса која не е функционална, не создава доволно количество на асимилати за исхрана на надземниот и подземниот дел. Во овие услови еден дел се суши. Лозата, препуштена сама на себе, го повторува циклусот на интензивен пораст и сушење. Приносите се алтернативни, променливи по однос на квалитет и квантитет. Секоја година добиваме различни приноси и квалитет.

Човекот презема мерки за контрола на порастот на ластарите и созревањето на грозјето преку резидба на виновата лоза. Резидбата претставува наједноставна и најгруба мерка со која се отстрануваат делови од виновата лоза. Со резидба се отстранува и до 90% од надземниот дел. Од десет ластари се отстрануваат девет, а се остава само еден ластар кој се реже на десет окца од кои ќе пораснат десет нови ластари. Сега имаме циклус на повторување и уедначеност.

Во теоретски исти надворешни услови може да се очекуваат потполно исти приноси и квалитет на грозјето. Меѓутоа секоја година имаме различни услови во однос на температурата, светлината, влагата. Почвата полека се искористува, лозата расте со коренот, се здебелува во стеблото и повеќегодишните делови, што предизвикува нејзино стареење и умирање. Сите овие услови се менуваат во однос на сортите и подлогите, кои се разликуваат по својата бујност односно пораст. Затоа, лозите бараат соодветен простор. Побујните лози се садат на поголемо растојание. Побујните подлоги побрзо ќе се доближат една до друга.

ЗИМСКА РЕЗИДБА – РЕЗИДБА НА ЗРЕЛО
Со зимската резидба се режат зрелите ластари на виновата лоза. Зимската резидба, или резидба на зрело, се врши за време на мирување на лозата односно од паѓањето на листот до потерувањето на ластарите. Лозата орежана рано наесен побрзо потерува во пролет и со тоа има подолг вегетациски период. Во услови на измрзнување од ниските зимски температури и доцните пролетни мразеви, пожелно е лозата да се крои во почетокот на март.

Со резидба на зрело се постигнуваат следните цели:
• Оформување на системот на одгледување кој е најпогоден за одредена сорта во определени услови на средината (од 1. до 5. година);
• Одржување на системот на одгледување со отстранување – замена на деловите кои дале род со нови кондири и лакови. Се отстрануваат суви, болни и стари делови на виновата лоза;
• Се определува бројот на окца на една лоза или на единица површина со што се настојува да се добие рентабилно највисок и најквалитетен принос. Се режат едногодишни зрели ластари на кондири и лакови;
• Се олеснува примената на агротехнички мерки, како и заштитата на виновата лоза од болести и штетници.

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Слични написи

Back to top button
Close