fbpx
ВестиТоп вести

Житото ожниено, амбарите полни!

„Житото е ожниено, амбарите се полни. Земјоделците задоволни и од приносите и од откупната цена на пченицата“, вака претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев ја оценува годинешната жетва на лебното зрно во државата.

-Сите стравуваме дека нема да има жетва поради невремето и задоцнетите дождови оваа пролет, но за среќа и радост на сите имаме одличен квалитет на житото и добри цени. Значи за разлика од лани, сме далеку во подобра ситуација. Имаме и добри приноси. На пример во прилепско на еден хектар во просек се ожниени и до 5000 килограми пченица, во Куманово до 4500 кг. Значи на некои места имаме солидни приноси. Што се однесува до цената на пченицата и таа е релативно добра. Повисоки цени имаме од ланската година и за килограм пченица се движат од 9 до 10 и пол денари. Што значи има мала разлика од пола денар до денар во зависност дали пченицата се откупува директно од нива или се носи во млиновите. Сепак, севкупно земјоделците треба да се задоволни, констатираше за „Зелена берза“,претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Шаклев.

Жетвата на житните култури во државата заврши

 

Според податоците од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство годинава јачменот беше засеан на околу 60000 хектари при што е остварен просечен принос од околу 3,5 тони/ха. Пченицата беше засеана на околу 70500 хектари и е остварен просечен принос од околу 3,6 тони/ха во зависност од регионот.

Оваа година производство од пченица  се  движи од 240000 до 250000 тони или за околу 4% поголемо производство од 2017 година.

Според податоците од Агенцијата за поттикнување и анализите спроведени од Одделението за сметководствени податоци при МЗШВ, во различни региони производната цена на пченицата, базирана врз основа на производните трошоци е различна. Во битолскиот регион производните просечни трошоци за килограм пченица изнесуваат 9,33 денари, во штипскиот регион производната цена е 6,92 денари за килограм, а во кумановскиот 8,03 денари за килограм.

Инспекторите од ДИЗ извршија контроли во шест откупни компании во Велес, Свети Николе, Кочани, Кривогаштани и Битола. При контролите е утврдено дека компаниите имаат објавено откупна цена и истата се движи од 9 до 10,5 денари за килограм во зависност од класите дали е прва, втора или трета класа.

Во Пелагонија од хектар во просек ожниени 4000 килограми пченица

 

Заврши жетвата на јачменот и пченицата во плодната Пелагонија. Според податоците од раководителот на ПЕ на Министерството за земјоделие во Битола, Методија Илиевски доставени до „Зелена берза“ во Пелагонија ожниени се 100 % од засеаните површини под пченица и јачмен, односно 10400 хектари под пченица и 3800 хектари под јачмен. Од нив на земјоделските претпријатие отпаѓаат 4600 хектари под пченица и 1300 хектари под јачмен, останатите површини се на индивидуалните земјоделски производители.

Во Пелагонија вкупно се ожниени  41360 тони пченица, (19320 тони кај земјоделските претпријатија и 22 040 тони кај индивидуалните земјоделци). Во истовреме ожниени се 10750 тони јачмен, (од нив 3250 тони кај земјоделските претпријатија и 7500 тони кај земјоделците). Податоците од ПЕ во Битола уште говорат дека кај пченицата по хектар е остварен просечен принос од 4000 килограми, (4200 кг. кај земјоделските претријатија и 3800 кг. кај индивидуалните земјоделци).

Кај јачменот во просек од хектар површина се ожниени 2750 кг. (2500 кг, кај земјоделските претријатија и 3000 кг. кај индивидуалните земјоделци).

Според познавачите на приликите ланската година во Пелагониско, приносите беа повисоки, односно околу 5000 кг. ожниена пченица по хектар.

Во Велешко просечните приноси од жетвата се околу 3000 килограми од хектар

Пченицата во поширокиот велешки регион на општините Велес, Градско и Чашка годинава беше засеана на површина од 1.230 хектари во приватен сектор и земјоделски претпријатија како „Вардар Градско“ и „Сокол“. Жетвата заврши, а просечните приноси се околу три илјади килограми од хектар.

Најголеми површини под пченица се во атарите на селата Иванковци, Ново Село, Градско и помал дел во Чашка.

Жетвата на јачменот годинава беше на 2875 хектари со просечен принос од околу  3500 килограми по хектар.

Исто така кај растението тритикале што е хибрид на пченицата со вкрстување на пченица и р’ж на 400 хектари во велешко, приносите биле најголеми од житните култури и изнесуваат по четири илјади килограми од хектар.

Најголем дел од јачменот е откупен од фирмата „АГРИА„ за потребите на свињарската фарма, како и од други помали откупни фирми.

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close