Кире Чагоровски со сопствено производство на храна ја победи млечната криза

Фармерот  Кире  Чагоровски (58) од селото Могила, е еден од ретките сточари кои по пропаѓањето на шведската млекарница „Сведмилк“успеа да го одржи сточниот фонд и да продолжи со работа и производство на сурово млеко. За разлика од него десетици сточари од Општина Могила ги продадоа  молзните крави и се преориентираа на производство на земјоделски култури.

По  сите турболенции со неисплатеното млеко и одржувањето на фармата, Чагоровски  успеа со сопственото производство на храна да опстои како сточар, на што е исклучително горд.

Тој денеска одгледува 26 молзни крави, само пет помалку пред случувањата со „Сведмилк“ во 2007 година. Според него, само оваа пролет во Могила се уништени 7 фарми кои во просек имале по дваесеттина крави и сточарите се пренасочиле на производство на тутун.

-Успеав да го задржам сточниот фонд и покрај сите препреки и премрежја. Само во Могила 30 до 40 проценти од фармите се затворени, а за жал таква е сликата во целост и со фармите во Пелагонија. Сточарите пропаднаа, кравите ги продадоа, фармите ги уништија и се насочија на производство на тутун. Моето семејство продолжи да работи и со добри политики да опстои во производството на млеко, вели Чагоровски во разговор за „Зелена берза“.

Шведската млекраница пропадна со долгови од околу 40 милиони евра. Многу македонски фармери беа тешко погодени од таквиот исход, особено фармерите од Пелагонија, бидејќи долго време не им беше исплатувано откупеното млеко. Сточарите беа принудени да го продаваат или да го колат добитокот за да ги отплатат долговите. Така Пелагонија, најбогатиот регион со млеко во државата го уништи молзниот добиток ,а шталите ги претвори  во кокошарници.

Чагоровски сега е задоволен од откупната цена на млекото што му ја исплаќа млекарницата ИМВ од Кравари. Во изминатиот период вложил и ги подобрил условите во својата фарма со набавка на лактофризер, во дел со поплочување, бојадисување, отстранување на гнојот на соодветно место и др.

-За литар млеко добивам 20,5 денари, имам сопствен лактофризер и за разлика од кај другите  млекарници, млекото ми се исплаќа за 2 до 3 денари повеќе. Во моментов меѓу откупувачите има битка за квалитетно млеко и големите млекарници не жалат да го платат квалитеното сурово млеко. Во моментов во зависност од квалитетот, откупната цена на млекото се движи од 14 до 16 денари и достигнува до 20 денари за предадени количини над 200 литри млеко, вели Чагоровски.

Она што е значајно за овој фармер е што сам произведува храна за стоката. Тој е еден од покрупните земјоделски производители во Пелагонија, обработува над 20 хектари земјиште, добар дел вонегова сопственост, а остатокот го зема под наем.

-Јас сум роден како земјоделец, се што сум спечалил во животот е со работа во земјоделието, ништо од никого не сум добил на подарок. Се’ е чесно заработено со труд, вели Чагоровски.

Тој  секоја година сади по 4 до 5 хектари пченка, околу 5 хектари заедно пченица и јачмен, 5 хектари луцерка, 2 хектара сточен грашок, 1 хектар сончоглед и исто толку пипер, и до еден и пол хектар тутун.

-Пченката не ја продавам, ја мелам за стоката, ниту луцерката и сточниот грашок, ги користам како храна  за добитокот. Според моите пресметки не ми се исплаќа пченката да ја предадам за 10 денари од килограм. Сам произведувам и соја и ќуспе, имам сопствен млин и правам храна за стоката, ако евентуално се јави недостаток купувам концентрат. Вистината е дека сопственото производство е поефтино и поисплатливо, такви се моите математики, наведува Чагоровски.

Производството на тутун е голема сатисфакција за овој искусен земјоделец, кој сериозно е посветен и на оваа култура.

-Тутунот е перспективата за многу земјоделци и за мене. За оваа година сум многу задоволен  со 220 денари откупна цена за килограм и плус 70 денари субвенции. Но, и моето производство беше за пофалба, предадов еден тон тутун прва класа, 700 килограми втора класа и 300 килограми тутун трета класа. Во текот на производството ангажирам и аргати од Битола, ги плаќам 110 до 120 денари од час  и веќе пет години имам  одлична соработка. Со добра организација  успехот е неизбежен, раскажува Чагоровски.

Фармерот  и своите деца ги насочил на земјоделие. Тие се млади земјоделци кои размислуваат на обработка на што поголеми површини, на добар род и на осовременување на фармите со нова и квалитетна механизација и машини.

-Аплициравме преку ИПАРД  програмата за нов трактор, се надеваме дека оваа година ќе успееме да се подновиме. Над 10 години аплицираме за нова земјоделска машина  и сега се надеваме на позитивна одлука. Современи машини и  помошна механизација се неизбежни за поголемо и поквалитетно производство кон кое тежнееме, вели Чагоровски.

 

Зелена берза

 

Share Button