fbpx
Без категорија

Рој од молци и пеперутки создаваат немир во Полошко и штети на градините и шумите

Шимширскиот молец се почеста појава во општините Јегуновце и Желино

Шимширскиот молец се почеста појава во општините Јегуновце и Желино. Се работи за бели пеперутки со црни рабови на страните со големина до 30 милиметри. 
Молецот го јаде зеленилото, смрт за градините како и зелениките и дрвјата на шумските предели, а непријатен за луѓето. Појавата како што раскажуваат мештаните била забележана минатата година, но оваа година  ги има во се поголем рој.

Руралните општини во Тетовско се се попримамливи каде може да се најде мирот и спокојот далеку од градската врева, но последниве неколку недели шимширскиот молец им го нарушува спокојството на мештаните од ова населено место.

-Не можеш навечер да излезеш секаде ги има, особено кога ќе запалиш некое светло, се собираат, бадијала и зеленило и чист воздух кога не можеш навечер да излезеш. Ги немаше, не знам од каде се појавија. Ние некако ќе издржиме ќе се скриеме по домовите, но што да правиме со зеленчукот и дрвјата особено на планината каде ги јадат лисјата, а исто и зелениките кои се важни за растителниот и животинскиот свет се нападнати од овој молец. Мора нешто властите да преземат, ние не се разбираме, оваа е некоја нова појава за нас, има стручни лица кои ги знаат овие работи, рече еден жител на село Сиричино, Општина Јегуновце.

Стручњаците одговорија дека се работи за молец кој е донесен во Европа од Југоисточна Азија преку садници од Германија. Не е опасен за луѓето, но за зелениките и зеленчукот е,  и истите треба да се третираат со инсектицид.

-Шимширов молец, дојден е од Југоисточна Азија преку Европа, преку увезени садници, Германија и Холандија и од таму е пренесен во останатите држави.  Да било по природен пат би требало преку Турција да дојде, ама кај нас е дојден покасно во 2014 година, за прв пат констатирав во населбата „Даме Груев“ и целиот регион беше опфатен. 2015 се појави и на Водно на шимширови стебла и од 2019, скоро цела Македонија е зафатена. Сега и во Тетовско.Три генерации се ројат во текот на годината. Немаат некое алергиско влијание врз населението. Меѓутоа гасениците од молците се значително штетни особено при размножување. За кратко време се размножуваат и тотално ќе ги изедат листовите. Треба да се третира и декоративни и природна зеленика, со инсектициди (синтетички пиретроиди) многу да се аплицираат и превентино бидејќи при положување јајца и испилување за брзо време делуваат и ги јадат листовите, рече Стерја Начески нентомолог професор на Шумарски факултет во Скопје.

Специјалистот по хигиена и здравствена екологија Д-р Ратко Давидовски, смета дека појавата на молците и инсектите се резултат на нередовното прскање со инсектициди во тетовско, каде треба да се практикува прскање од небо авионско.

-Треба да се прска четири пати во годината , но за жал кај нас тоа не се прави редовно, се прска парцијално некаде во некоја општина се прска во некоја не се прска. Така не можеш да ја спречиш појавата на молци инсекти и слично. Мора да се прска секаде рамномерно да имаме регионален пристат, бадијала е ако испрскаш во Теарце на пример а не испрскаш во Јегуновце, тие се две соседни општини и ваквите инсекти прелетуваат, истакна д-р Давидовски.

Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека на барање на Општина Желино се извршило пробно прскање со хемиски препарати, со цел да се уништат наездата од ларвите и пеперутките. Се надева дека прскањето ќе биде успешно, но уште еднаш апелира локалните самоуправи редовно и на стручен начин да вршат дезинсекција во рамки на своите општини.

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close