Забрзано се работи околу бербата на ајварката во пелагониско

 

Во пелагониско во ек е бербата на пиперката  наречена ајварка. Временските услови  за нејзин развој беа добри така што  производителите очекуваат добар род. Како што се бери така ја носат во откупни центри и ја продаваат на големо, а поретко по пазарите низ Македонија. Општина Могила е подрачје каде што има најмногу засадени површини под пипер. Живко Бокалевски е млад производител  кој покрај пченицата и тутунот пиперот го има засадено на 7 декари земјоделска површина.

 

 

„Задоволен сум, очекувам род од 2,5 т  од декар, а и цената е добра. Цената за мала голема е 22 ден за прва со 10 ден за втора класа. Во  просек цената е  19- 20 ден /кг. Целокупното производство го даваме на откупен центар. Квалитетот е добар, значи штом ја земаат задоволува. Зелената пиперка ја откупуват поефтино по 8 ден/кг,“ вели за Зелена берза Бокалевски.

Со оглед на тоа што се задоволни од цената размислуваат за в година на зголемување на површините под пипер. Но желбата е едно, можностите се друго, а одлуката и ризикот  се на земјоделците.

 

„Цената сега крена, првата берба беше многу ефтина, во просек 12-13 ден кг. Втората берба има подобра цена во просек 18 – 19 ден. Има уште за една берба, ако не фати слана. Имам 2 погони засадено со пипер. Очекувам род по 2,5 т од декар. Моментално има организиран откуп  и за оваа берба сме задоволни од цената. В година ако е со оваа цена и вака да се откупува рефус, ќе го зголемам производството. Годинава откупувачите земаат, в година  ако прават договори ќе биде добро ако не прават ризикот е наш. Не сум сигурен и затоа тоа напролет  ќе го знаеме  кога ќе почнат расадите“ вели за Зелена берза  Зоранче Кузмановски, земјоделец од с. Могила.

Земјоделската мака е најголема

Во екот на бербата на пиперот се бара „рака повеќе“  за берба. Големите производители имаат потреба од работна сила за да може да стигнат навреме да ја соберат. Земјоделската мака е најголема, денот почнува рано наутро , а трае додека може да се работи на дневна светлина, велат земјоделците.

 

„Многу е тешко , како што гледате, мачна е земјоделската работа. Почнува од 6 „на сабајле“ па дури се гледа. Времето е убаво не’ служи, еве брзаме да собереме што можеме повеќе. Имаме и аргати“, вели   Моника Талеска која ја сретнавме на нивата каде што бери пепер.

Пвеќето производители на пипер се задоволни од годинешниот род. Бербата добро се одвива и очекуваат маката да им се исплати. Но сепак ги мачи, да не почне да осцилира цената бидејќи  има голема понуда.

 

„Се снаоѓаме самите, никој не ни стој на патот, ја носиме самите во откупен центар, цената е од 15 – 20 ден. Годинава е добра, но сега,  пак има некој застој сакаат пак да ја намалат цената. Не знам што ќе биде. Не плаши тоа, а назад има поприлично пипер. Гледате и самите, брзаме, правиме  општа берба, за да стигниме поради цената , инаку пиперот може да седи уште недела . Времето помага, слана нема. Не мачи цената, едно време ќе пуштат цена, па ќе  закочи , ова, она, а пиперот не трпи. Од кога  ќе го собериш ако не се даде веднаш, чорба ќе се направи. Се’ со аргати работиме и со фамилијата. Имам ангажирано три трактори на три места, појаснува Слаѓан Талески, кој одгледува пипер на 2 ха земјоделска површина.  За в година Господ здравје, ќе видиме, се’  зависи како ќе излеземе годинава,  додава тој “.

 

Додека производителите мака мачат да го соберат родот, трговците раце тријат затоа што цената на ајварката по пазарите е многу повисока. На пазарите во Битола таа  се движи од 25 – 30 ден/кг доколку се купува цела вреќа. Ако се купува помала количина  цената достигнува и до 40,50 ден во зависност која рака по ред е трговецот. На пазарите во Скопје пак цената достигна и до 60 ден/кг.

На ваквите цени најмногу се загрижени малите купувачи, граѓаните  кои купуваат толку  колку да ја запазат традицијата, според која  на прво место во зимницата е домашно подготвениот ајвар. Имајќи го предвид стандардот на граѓаните оваа традиција нема да може сите да ја негуваат, освен оние што имаат поголем буџет. Младите генерации пак имајќи ја предвид тежината на самата операција на подготвување ајвар, се одлучуваат дан го купат од маркетите каде има богата понуда, благ, лут и со други зачини.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Share Button