
Премиерот Мицкоски да го смени министерот за земјоделие Трипуновски, бара Националната земјоделска мрежа
НЗМ со повик до премиерот пред реконструкцијата на владата
До премиерот на Владата на Република Македонија г-дин Христијан Мицкоски од Националната земјоделска мрежа
Почитуван премиер
г-не Мицкоски
Во пресрет на најавената реконструкција на Владата, Националната земјоделска мрежа упатува јавен апел до Вас за итна смена на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Ние како земјоделски производители изразуваме сериозно незадоволство од досегашното раководење со ресорот. Сметаме дека тековните политики се површни и неадекватни, што дополнително ја продлабочува агонијата во македонското земјоделство.
Причини поради кои ја бараме оставката од актуелниот министер е што тој не успеа да одговори на предизвиците при што имаме :
Систематско доцнење со субвенциите Ненавремената исплата на финансиската помош директно ја загрозува ликвидноста на земјоделските стопанства. Земјоделците се соочуваат со неможност за набавка на репроматеријали и подготовка на новата производна сезона, што резултира со напуштање на обработливите површини.
Нестабилен и неорганизиран откуп Отсуството на вистинска пазарна стратегија води кон хаос при откупот на земјоделските култури. Производителите се оставени без заштита пред откупните цени кои често се пониски од трошоците за производство, што ги води земјоделците кон работ на банкрот.
Растечки трошоци за производство:
Цените на ѓубривата, горивото, семенскиот материјал и заштитните средства постојано растат, додека поддршката од министерството изостанува. Недостасуваат конкретни и насочени субвенции кои реално би го намалиле притисокот врз буџетот на земјоделците.
Лоша инфраструктура и наводнување:
Системите за водоснабдување се во незавидна состојба. Нема сериозни проекти за модернизација на хидромелиоративните системи, што во услови на сè поизразени климатски промени и сушни периоди, го доведува во прашање опстанокот на целиот сектор.
Изостанок на дијалог: Министерот покажа незаинтересираност за вистински консултации со вистинските претставници на теренот. Одлуките се носат без вклученост на земјоделските здруженија, што резултира со креирање на мерки кои се неприменливи и нефункционални во реалните услови.
Со оглед на најавената реконструкција, сметаме дека е крајно време за промена на пристапот. Земјоделството е стратешки сектор за државата и бара лидер кој поседува визија, експертиза и, пред сè, подготвеност за решавање на напластените проблеми преку директна соработка со земјоделците.
Ве повикуваме сериозно да го разгледате овој апел и да именувате личност која ќе покаже одговорност и капацитет за спас на македонското земјоделство.
Со почит,
Национална земјоделска мрежа




