вестиСоветиТоп вести

Заштита на почвата од ерозија

Ерозијата на почвата е најтежок облик на деградација на почвата. Водата или ветерот се двата основни причинители на ерозијата, но човекот со неправилното користење на почвата може да ја предизвика и забрза ерозијата. Водената ерозија најчеста е во ридско-планинските реони каде постои нагиб и каде е изразен дождовниот период. Во такви услови без заштита од природна вегетација, често се создаваат буици, кои брзо ја однесуваат плодната почва.

Ерозијата од ветерот предизвикува разновидни штети слични на ерозијата од вода. Ветерот ги носи најситните и највредните честички на почвата (глината, прашината и хумусот), обично на голема далечина, така што почвата постепено го менува составот и постанува песоклива, чакалеста, а со тоа се намалува способноста за задржување на водата.

Брзината на ветерот непосредно на површината на почвата е најзначаен фактор на еолската ерозија. Според  мерењата, честичките на почвата со пречник од 0,1 мм се поместуваат од своето место, ако хоризонталната брзина на ветерот на висина од 30 см достигне 28-30 км на час, а истовремено во вертикален правец брзината на турбуленцијата е 3-4 км на час.

Ерозијата по дејство на ветерот предизвикува најмногу штети на земјоделските површини со рамен и отворен пејсаж, до колку почвата е сува, и која содржи чистички кои ветерот лесно ги подигнува, и ако тие меѓусебно не се поврзани во структурни агрегати. Затоа песокливите кои содржат многу малку органски и минерални колоиди лесно еродираат, наспрема почвите богати со глина и прав, кои се отпорни према еолската ерозија.

Влажноста на површинскиот слој значајно влиае на ерозивноста на почвата. Ветерот може да однесе само суви или малку влажни честички, затоа што влажните честички се потешки. Растенијата го успоруваат ветерот близу површината, а со засенчувањето ја чуваат влагата во површинскиот слој. Затоа почвата покриена со густи и бујни растенија многу добро е заштитена од ерозија на ветерот. Жетвените остатоци ги успоруваат ветровите со средна брзина на површината на почвата, и пружаат доста ефикасна заштита од еолска ерозија. Неправилното користење на почвата во сушни и полу сушни реони може во значителна мерка да ја зголеми еолската ерозија. Обработката на почвата создава услови за ерозија, бидејќи обработената почва брзо се суши, содржи многу честички од ерозивна големина и тоа е голо.  Прекумерната испаша во полусушните реони често е причина за еолска ерозија. Се случува во тие области со ерозија на водата и ветерот заедно во целост да ја уништат плодната почва претворувајќи го тоа подрачје во пустина. На почвите кои се изложени на еолска ерозија ефикасна мерка претставува подигнување на заштитни шумски појаси, како и примена на различни агротехнички мерки. Во ерозивните подрачја каде што нема повисока вегетација се препорачува подигање и одржување на заштитни шумски појаси, кои се подигнуваат на тој начин што се садат 3-6 реда дрва во комбинација со грмушки. Изборот на видот на дрва и бројот на редови во појасот е различен и зависи од агроеколошките услови.

Заштитните појаси значително ја намалуваат ерозијата на ветерот, а на наклонети терени и ерозијата на водата. Во многу региони во светот утврдено е позитивното влијание на заштитните појаси на приносот на поледелските култури. Подигнувањето на заштитните појаси со цел намалување на ерозијата на ветерот дава прави резултати само во комбинација со агротехничките мерки. Основните принципи на планирање за составување на плодоредот на почви изложени на ерозија се да почвата што покусо време биде изложена на ерозија без растителен покривач, посевите да се со што погуст склоп и со подолга вегетација, да се одгледуваат повеќегодишни треви и легуминози а предност да имаат густоредовите озими посеви во споредба со широкоредните или јарите посеви.

Сите земјоделски активности, вклучувајќи го и сеењето или садењето, треба да се изведуваат попреку на наклонот на теренот. Во полиња каде наклонот не е поголем од 10°, обработката и сеидбата треба да бидат попреку на правецот на ветерот кој преовладува, така што гребените после орањето и редовите од растенијата ја ублажуваат ерозијата. Лесно песокливите почви во сушни реони кои се јако подложни на ерозија, најдобро е да се затреват и да се користат како ливади и пасишта, да бидат стално под вегетација без обработка на почвата. Обработката на почвата ја поттикнува ерозијата бидејќи почвата после обработката брзо се суши, содржи повеќе еродивни честички и таа е гола. Заорувањето на почви изложени на дејстото на ветер треба да изостане бидејќи стрнката овозможува ефикасна заштита. Основната обработка треба да се изврши непосредо пред сеидба, за да почвата што пократко време биде без вегерација. Основната вредност на ѓубрењето во ублажување на ерозијата од ветерот се состои во тоа што овозможува побрз развој на растенијата, побрзо склопување на редовите, а со тоа се намалува и брзината на ветерот во близина на површината на почвата.

Од мерките на нега за заштита на почвата од ерозија значајни се: употребата на хербициди, наводнувањето и мулчирањето. На загрозените почви од ерозија хемиските мерки на борба против плевелите се во предност во споредба со механичките мерки. Исушената растителна маса од плевелите, после употребата на хербициди, добро ја штити почвата од ерозија на ветерот. Наводнувањето со вештачки дожд е многу ефикасна мерка за заштита, бидејќи водата ги врзува честичките на почвата и го спречува носењето од ветерот. Заштитата на почвата може да се постигне и со мулчирање, покривање на површината со слама, плева, свешо шталско ќубре, фолија и др. Согласно член 43 од Законот за земјоделско земјиште заради заштита и спречување на ерозија на земјоделското земјиште се превземаат следниве против ерозивни мерки:

-ограничување или потполна забрана на сечење и ископачување на овошки и шумска вегетација, освен од агротехнички причини или градежни зафати од јавен интерес утврден во согласност со закон;

-одржливо и рационално користење на пасиштата со пропишување на видот и бројот на добитокот што ќе се напасува на единица површина, како и времето и начинот на напасувањето, освен ако поинаку не е уредено со друг закон;

-забрана за разорување на ливадите, пасиштата и необработените површини со наклон над 15% и нивно претворање во ораници; -забрана за отстранување на хумусниот хоризонт, односно ораничниот слој на земјоделското земјиште;

-задолжително затревување на стрмните земјоделски површини со повеќегодишни фуражни култури и -забрана на производство на едногодишни култури на терени со наклон над 15%. Сопствениците, односно корисниците на земјоделското земјиште се должни да ги одржуваат долгогодишните насади и повеќегодишните култури подигнати поради заштита од ерозија на почвата. Согласно член 136 од Законот за води мерки за заштита на ерозијата се:

-пошумување, затревување и терасирање (со контурни ровови, подзидување и др.).

-Забрана за вадење земја, песок, чакал и камен -забрана за кастрење, сечење и копачење дрва и грмушки и -забрана за пасење на добиток.

Извор: АПРЗ

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close