
Македонска делегација во Словенија за зајакнување на соработката во дигиталното земјоделство
Делегацијата го посетува реномираниот Словенечки земјоделски институт (KIS), каде се реализираат средби со менаџментот и експертите на Институтот со цел зајакнување на соработката во областа на дигиталното земјоделство, иновациите и современото земјоделско образование.
Во рамки на проектот „Зајакнување на дигиталното земјоделство“, поддржан од словенечкиот CMSR и Владата на Република Словенија, македонска делегација предводена од деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф.д-р Маркоски, заедно со Амбасадорот на Република Северна Македонија во Словенија, Н.Е. Горан Милевски, престојува во официјална посета на Птуј, Словенија.
Делегацијата го посетува реномираниот Словенечки земјоделски институт (KIS), каде се реализираат средби со менаџментот и експертите на Институтот со цел зајакнување на соработката во областа на дигиталното земјоделство, иновациите и современото земјоделско образование.
Како дел од програмата, делегацијата учествува и на познатиот настан „Robotic Day“ во Птуј, посветен на најновите достигнувања во земјоделската роботика, паметното земјоделство и технологиите за прецизно производство.
Во рамки на посетата беше реализирана и официјална средба со градоначалникот на Општина Птуј, при што беа презентирани тековните активности и резултати од проектот, а дополнително се разговараше и за можностите за идна соработка помеѓу институциите во областа на земјоделството, руралниот развој и туризмот.
Посетата претставува уште еден значаен чекор кон продлабочување на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Словенија, како и кон унапредување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор преку размена на знаење, иновации и меѓународни партнерства.



