вестиТоп вести

Палењето стрништа и изминатава есен земало голем замав

 

Откако помина периодот на интензивно палење на стрништата пред есенското орање сумирањето на резултатите покажува дека земјоделците се уште многу лесно се одлучуваат да ги запалат жетвените остатоци.  Во последното интервју за Миа првиот човек на државниот земјоделски инспекторат заклучува дека се уште треба да се работи на едукација и на свеста кај земјоделците да не палат стрништа. Оваа есен додека најактуелно на сите страни беше палењето на стрништата спроведени биле 270 инспекциски надзори на опожарените земјоделски површини, при што инспекторите изрекле 45 мандатни казни и поведени се десетина прекршочни постапки. Инспекторатот на терен излегувал и во ноќните часови и за викендите но сепак крајниот биланс за оваа есен е опожарени 300 хектари.

-Редовно се вршат контроли, се спроведуваат и вонредни, во текот на ноќните часови и за време на викендите. Потребно е да се работи на подигање на јавната свест. Еден пример, земјоделец изјави дека не му е јасно зошто плаќа казна за палење, кога истото го правеле и неговиот татко и неговиот дедо. Најлесен начин за отстранување остатоци од жетвата им е токму, за жал, палењето, и покрај тоа што некои единици на локалната самоуправа, Град Скопје, Кочани, Кавадарци, им нудат на земјоделците буквално бесплатно да им го соберат остатокот од жетвата, сламата и да ја однесат на соодветно место. Има многу малку кои прифаќаат. Секако, тоа во иднина треба да се зголеми. Ние ги поттикнавме општините да продолжат со такви активности, во Кочани дури им нудат, бидејќи имаат нова пречистителна станица, таа слама да ја обработат и да им дадат повторно бесплатно компост што би можеле да го користат, вели Шапуриќ.

Европските земји проблемот со палењето на стрништата го решаваат преку кратење на субвенциите. Нешто за што како крајна мерка ќе се залага и градоначалникот на Кочани ако не дадат ефект мерките за едукација, подигање на свеста и понудата сламата да ја зема пречистителната станица во Кочани. Хрватска моделот на казнување преку кратење субвенции за оние кои палат жетвени остатоци го има воведено уште во јануари 2011 година. Оттогаш во Хрватска на сила е правилник за добра земјоделска пракса и за животна средина во кој во условот број три кој се однесува на управување со жетвените остатоци многу јасно забранува палење слама или стрништа. Контролата дали се врши палење на стрништата го прави тамошната платежна агенција која има законска можност да ги скрати субвенциите од 15 до 100%. Одлуката за колку ќе се намалат субвенциите зависи од повеќе фактори меѓу кои и тоа дали се загрозени човечки живот, загадување на животната средина и слично.

Но не само во Хрватска и во соседна Бугарија земјоделците се соочуваат со губење на субвенциите заради запалените стрништа. Министерката за земјоделство на Бугарија Десислава Танева неодамна изјави дека се идентификувани 244 апликанти на кои ќе им бидат скратени субвенциите а запалени  се 420 земјоделски парцели. Според европските закони и во Бугарија воведени се санкции за опожарени земјоделски површини .

З.Б.

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close