fbpx
Вести

ИНТЕРВЈУ: ФАО експерт за земјишни политики Мортен Хартвигсен

egri

Едно семејство поседува четири расфрлани парцели земјиште, секоја од нив не поголема од половина фудбалско игралиште. Членовите на семејството трошат скапоцено време и гориво за да ја пренесат опремата, семиња и ѓубриво од една парцела на друга – а често пати возат низ засеани култури на други семејства. Збирната добивка од четирите парцели може да го прехрани домаќинството, со можеби мал вишок кој останува да се продаде локално.

Гореопишаната состојба – видена во многу земји на Балканот и пошироко во регионот на Источна Европа и на Кавказот – всушност може да претставува и можност. ФАО експертот за земјишни политики Мортен Хартвигсен неодамна говореше со високиот службеник за комуникации Шерон Ли Кауан за тоа како Организацијата им помага на земјите да се справат со фрагментација на земјиштето – подобрувајќи ја продуктивноста на фармите и животот во локалните заедници при овој процес.

Зошто толку многу мали парцели на земјиште?

Повеќето земји во нашиот регион имаат фарми со мали димензии, често пати како резултат на земјишните реформи од 1990-тите години како дел од процесот на транзиција од централно планирани во пазарни економии. Земете го случајот на Албанија. Во 1990-тите секое семејство има добиено 1,5 хектари земјиште – вообичаено поделено на четири или пет парцели на различни локации во селото. Во земјите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија и Ерменија сретнуваме просечната големина на парцела од околу 0,3 хектари обработливо земјиште.

Во другите земји, фрагментација на земјиштето датира од уште постарите реформи, на пример оние спроведени по Втората светска војна. Уште еден начин на кој земјиштето станува фрагментирано е преку нејзино наследување, кога веќе малите парцели се делат помеѓу неколку наследници по смртта на регистрираниот сопственик.

Дали ова создава проблеми?

Да се биде конкурентен во глобализираната економија е едноставно невозможно со мали парцели на земјиште, оддалечени една од друга. Нема економија од обем, а време и гориво се трошат на патување низ областа од парцела до парцела, често пати на долги растојанија, за орање, ѓубрење, берба. Парцели како овие може да бидат корисни само за земјоделство наменето за сопствени потреби.

Ако еден земјоделец ја изнајмува целата земја за комерцијална обработка, ова може да не претставува проблем. Но, кога семејствата ја обработуваат сопствена земја ова станува голем проблем. Во Албанија, на пример, околу 90 проценти од обработливото земјиште се користи од страна на сопствениците.

Дали постои волја за промена?

Владите ја препознаа потребата за развој на земјоделството, а ова е еден од проблемите кој го попречува развојот. Тие бараат поддршка од ФАО за консолидација на земјиштето. Речиси сите земји имаат стратегии за развој кои бараат поконкурентни и попродуктивни фарми. Доколку се извршува поефикасно, земјоделството може да биде движечка сила за раст. Во многу случаи, земјите увезуваат храна која би можеле самите да ја произведуваат.

Дали земјоделците ја прифаќаат консолидацијата на земјиштето?

Понекогаш малите сопственици имаат добра причина да се двоумат. Довербата во владата може да биде ниска, сопственоста на земјиштето често пати е правно несигурна или земјоделците едноставно не го разбираат процесот одпрво. Значи сето тоа зависи од начинот како процесот се претставува. Треба да одвоиме време да ги сослушаме, да се насочиме кон нивните проблеми и да развиеме пакет на стимулации и придобивки кои би ги унапредиле потребите на заедницата.

Споменавте придобивки

На крајот на една успешна иницијатива за консолидација на земјиште нема да има семејство кое ќе биде во полоша ситуација отколку пред консолидацијата, а многу од нив ќе имаат придобивки. Ова е нашиот водечки принцип. А придобивките се многубројни. Прво и најочигледно е дека секое домаќинство ќе го окрупни сето свое земјиште во една или во помалку поголеми парцели, наместо да поседува мали парцели расфрлани тука и таму. На тој начин тие ќе станат попродуктивни. Проблемите со регистрација на имотот ќе бидат расчистени и земјоделците ќе имаат сигурни сопственички права врз својата земја. Во зависност од потребите на заедницата, ќе се развијат нови пристапни патишта и инфраструктура за одводнување и наводнување. Се што правиме е целосно во согласност со Упатството за доброволно и одговорно владеење на правото на сопственост.

Како започнува процесот?

Доколку правилно се спроведува , станува збор за долг процес. Ние одиме село по село, а првиот чекор е воспоставување контакт со сите сопственици. Понекогаш сопствениците се иселени, но се прават сите напори за тие да бидат контактирани – преку нивни роднини кои се уште живеат во селото, па дури и преку социјалните медиуми.

Отвораме проектна канцеларија во селото или во општината, со утврдени часови секоја недела кога земјоделците можат да дојдат и да разговараат за нивната состојба. Во некои случаи правиме и домашни посети. Ги прашуваме за нивните интереси, им покажуваме мапа на сите 800 парцели на земјиште или без разлика колкав и да е бројот. Некое семејство може да претпочита да задржи одредена парцела каде што да речеме засадиле овоштарник. Други, пак, можеби сакаат нивната земја да биде во близина на нивниот дом. Сите овие параметри се земаат предвид.

Што се случува следно?

Следно вршиме вреднување на земјиштето за да се осигуриме дека конечната конфигурација на земјиштето ќе биде правична за секое домаќинство.

Потоа, тука е правната рамка за сопственост на земјиштето, регистрација на имотот, трансакциите. Сето ова е повеќе пати предмет на разгледување, се со цел на семејствата да им се обезбеди сигурна сопственост и со доверба да купуваат и продаваат земјиштето. Во Грузија, на пример, само 20 отсто од земјоделското земјиште е регистрирано. Во Азербејџан пак, имало многу неформални трансакции кои никогаш не биле регистрирани. Очигледно сето тоа треба прво да се реши, пред да зборуваме за каква било консолидација на земјиштето.

Како се исцртуваат новите линии на имотот?

Конечно, геодетски експерти и проценители се вклучуваат да извршат ажурирање на мапата на земјишни парцели и сопственоста на земјиштето. Експертите на проектот, исто така, треба да бидат лица со познавање на земјоделството, користењето на земјиште, прашањата за регистрација на земјиштето, процедурите за земјишни трансакции, но и како сето ова да се поврзе со руралната инфраструктура.

Што е со заедницата?

Еден проект за консолидација на земјиштето – како овој што ќе започне во поранешна Југословенска Република Македонија – може да биде златна можност за руралните заедници. За да се разберат потребите, ние одржуваме работилници во локалните заедници, организираме фокус групи и слушаме. Типичните проблеми се прашања како слаб вредносен синџир или лош пристап до пазарите. Овие се прашања кои можат да се решат во координација со проектот. Како резултат на овој процес, ние често подготвуваме план за развој на заедницата.

А жените?

Рамноправното учество и придобивките за жените и мажите се принципи кои многу сериозно ги сфаќаме. Самото учество на жените во процесот на донесување одлуки може да биде проблем во некои земји. Можеби мажот оди на состанок на заедницата или разговорот го вршиме во нивниот дом, а неговата сопруга не е присутна. Но правиме максимални напори за вклучување на жените во процесот.

Често пати имотот е запишан на име на “главата на семејството.” Во некои земји, жените не се регистрирани сопственици, но нивните права се опфатени со кодексот за семејство. Во Молдавија, мажите и жените имале подеднакво право при распределбата на земјиштето во 1990-тите години, и обично добивале парцели едни со други. Без оглед на почетната точка, на крајот на процесот на консолидација, земјиштето може да се регистрира на имињата на двајцата сопружници.

Кажете ни за селото Егри.

Егри е село во поранешна Југословенска Република Македонија, каде што, преку поддршка од проектот на ФАО за консолидација на земјиштето, жителите започнаа со 800 мали парцели на земјиште, а завршија со само 200 и ќе се здобијат со многу подобрувања во заедницата, како пристапни патишта и системи за наводнување. Успешното искуство на Егри треба да ги инспирира и другите села во земјата да се вклучат, во текот на спроведувањето на големиот проект финансиран од Европската Унија за консолидација на земјиштето. ФАО со задоволство ќе соработува со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со Делегацијата на Европската Унија во Скопје во спроведување на овој значаен проект, каде што сите учесници учествуваат за да добијат.


 

бизнис вести

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close