fbpx
ВестиВиноТоп вести

ВВ „Тиквеш“ оваа сезона очекува двојно поголем откуп  на грозје од лани

 

 

 

Винарската визба „Тиквеш“ успешно стартуваше со откупот на грозје. Оваа година се планира да се откупат 30 милиони кг грозје што претставува   своевиден рекорд. Како што информираат од винарницата откупот почна  на почетокот на овој месец и тоа со висококвалитетните сорти шардоне, рајнски ризлинг, темјаника, италијански ризлинг, совињон бел и траминец. Подоцна ќе пристигаат и најзастапените вински сорти – вранец и смедеревка.

– Засега откупот тече по планираната динамика и според постигнатата технолошка зрелост на грозјето од секоја од сортите, а согласно потребите на винарницата и нашето развиено винско портфолио,  велат за Зелена берза од винаријата „ Тиквеш“.

 

ВВ „Тиквеш“ не прави компромиси кога е во прашање квалитетот на грозјето, зашто крајната цел се висококвалитетни вина кои одговараат на високите очекувања на љубителите на виното во земјава и на интернационалните пазари.

 

 

– Нашите добавувачи на грозје тоа го знаат и низ годините остваруваме долгорочна и партнерска соработка со нив. Го следиме родот и влијаеме врз динамиката на бербата, зашто сето тоа влијае врз здравјето на грозјето и врз конечниот квалитет. Нашиот тим агрономи е постојано активен на терен и, покрај другото, им помага на лозарите со кои имаме долгорочна соработка околу проценката кога е вистинскиот момент за берба, појаснуваат за Зелена берза  од секторот за односи со јавност.

 

„Тиквеш“ останува доследен  на својата долгорочна стратегија за поддршка и соодветно наградување на квалитетот на грозјето. Го стимулира производството на висококвалитетни сорти грозје и преку откупната цена.

 

-Годинава, кај некои сорти (темјаника, траминец) цената е повисока дури за 38% во однос на минатата година. Тука е и редовниот бонус од 3 денари за берба во гајби. Оние партнери лозари кои се одлучуваат за зголемување на квалитетот на сопствените насади преку т.н. редукција, односно намалување на приносите, дополнително ги стимулираме со околу 40% поголема цена во однос на основната. Сите овие стимулации се насочени кон нашата главна цел – на нашите консументи да им го понудиме најквалитетното вино од тиквешкото виногорје, а истовремено сите во тој синџир на квалитет да го добијат својот заслужен дел.

Исплатата на грозјето е во законски предвидените рокови, а „Тиквеш“ најчесто успевал тоа да го стори и пред нивното истекување.Тоа го докажуваме секоја година.

 

Според проценките на винаријата  поради пораната берба на грозјето ќе  се добијат  посвежи вина, со истакнати овошни ароми и со помалку алкохол.

Токму таквите, попитики  на вина се моментално тренд во светот. Затоа очекуваме  од годинешнава берба дека  ќе произлезат вина, кои дури и ќе ги надминат успесите на претходните години.

ВВ „Тиквеш“ ги повикува лозарите да се насочат кон садење на сортите кои се барани, а ги нема во доволно количество, како што е темјаниката и останатите ароматични сорти.

 

Павлина Јовановска

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close