fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

За развој на сточарството се потребни широки пасишта

Тенденцијата да се намалува вкупниот број говеда во државата се очекува да продолжи, посочуваат професорите од областа сточарство, но истакнуваат дека се очекува паралелно да се зголемува и бројот на говеда по фарма и бројот на одржливи и пазарно ориентирани фармери

Преку окрупнување на фармите, односно зголемување на бројот на говеда, свињи, овци и кози, како кај индивидуалните одгледувачи, така и кај земјоделските стопанства, може да се подобри состојбата со добиточниот фонд во земјава, препорачуваат упатените откога во изминативе години постојано се бележат негативни трендови во сточарството.
– Кај нас, како и во многу други европски земји, и натаму се очекува постепено да се намалува вкупниот број говеда во државата, но со напоредно зголемување на бројот на говеда по фарма и зголемување на бројот на одржливи и пазарно ориентирани фармери. Тоа би значело дека, исто како и во соседните земји, ќе се намалува бројот на фарми со една до пет крави, а треба да расте бројот на фарми со над десет крави или со над 40 гојни јуниња по фарма. Типичен пример е Хрватска, каде што во 2002 година, пред влезот во ЕУ, имаше 65.000 млекопроизводители, а во 2018 година има само 6.400 млекопроизводители, но тие произведуваат повисоко количество млеко во 2018-та во споредба со 2002 година. Затоа, окрупнувањето на фармите (зголемениот број грла говеда по фарма) е основа за понатамошен развој на говедарството – објаснува доктор Ѓоко Буневски, професор по говедарство при Факултетот за земјоделски науки и храна.

Иако со нагласена водечка улога на пазарот, говедското месо главно се увезува

Тој посочува дека во согласност со официјалните податоци што ги публикува Државниот завод за статистика, вкупниот број на говеда од 2014 година наваму е во постојан пад, и од некогашните 241.607 говеда во 2014-та, минатата година бројот на говеда се намалил на 217.790.
– Говедарството како гранка во 2019 година се карактеризира со намалување на вкупниот број на говеда од 15 проценти во споредба со 2018 година. Бројот на говедата кај индивидуалните земјоделски стопанства е намален за 15,1 отсто, додека бројот на говедата кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) е намален за 10,4 проценти. Производството на кравјо млеко во споредба со 2018 година е намалено за 3,3 отсто, или за 13.327 илјада литри, додека просечната млечност по крава е зголемена за 361 литар, или за 11,7 проценти. Производството на говедското месо во 2019 година изнесува 4.093 тони и истото тоа е намалено за 6,8 отсто, или за 298 тони, во споредба со 2018 година, кога изнесувало 4.381 тон. Домашното производство на говедско месо делумно ја задоволува домашната побарувачка, така што потребите во најголем дел се надоместуваат преку увоз од Бразил и од Полска – вели Буневски.

Професорот објаснува дека при утврдувањето на долгорочните цели за развој на говедарството во Македонија се тргнува од општите факти што говедарството (производството на млеко и на месо) има нагласена водечка улога во сточарството и земјоделството, базирано на неговиот моментален развој и трендовите на понудата и побарувачката на пазарот, неговото учество во БНП од сточарството и земјоделството и неговата улога во социјалната и демографската структура, особено во ридско-планинските подрачја. Буневски укажува дека во согласност со нашето и искуствата од соседните земји, се очекува и понатаму да опаѓаат бројот на фармери и бројот на говеда во државата, но и да почне да расте бројот на говеда по фарма, со паралелно зголемување и на земјишниот посед, забрзано да се подобрува расниот состав на говедата и забрзано да се осовременуваат најтешките активности на фармата, пред сѐ во исхраната, молзењето и ѓубрењето на говедарските фарми, како и да се зголемува финалната телесна маса кај гојните говеда за производство на месо.

– За да се подобри говедарското производство на млеко и на месо, потребно е на секој фармер одгледувач на говеда да му се додели по еден хектар земјоделско земјиште на едно условно грло говедо (доколку нема доволно своја земја), бидејќи производството на добиточна храна учествува со 40-80 отсто во производствената цена на млекото и на месото од говеда. Потребна е и модернизација на фармите, т.е. олеснување на потешките операции на фармата со механизација, со што се олеснува работата на фармата. Кај нас сѐ уште доминираат старите штали со врзан систем на држење говеда, главно со лоши микроклиматски и амбиентални услови. Потребно е и поголемо стимулирање на одржливи и комерцијално ориентирани говедарски фарми со над 10 крави или над 40 гојни грла, како и доволно земјоделско земјиште за нив. Кај нас сѐ уште над 70 проценти се фармери со една до пет крави по фарма и со еден до три хектари земја по фармер – објаснува професорот од ФЗНХ.

Преку генетиката до поголема бројност

Буневски посочува дека е неопходно подобрување на генетиката кај говедата, како преку увоз на висококвалитетни педигрирани стелни јуници од млечни, комбинирани или гојни раси, така и преку користење поквалитетно семе за вештачко осеменување на кравите. Во насока на подобрување на состојбите, смета дека е потребно поголемо стимулирање на младите фармери до 40 години и на жените земјоделци во идните програми, но и тренинг-центри за обука на фармерите за современите начини на исхрана, селекција, репродукција, нега, превентива и здравствена заштита на говедата.
Според професорот, во насока на стимулација на оваа гранка од сточарството треба да се даваат повисоки субвенции за млекопроизводителите со екстра и прва класа на квалитет на млекото, споредено со оние што имаат втора и трета класа млеко.
– Потребна е поголема стимулација за производителите на месо од говеда, бидејќи во нашата земја едвај 20-25 отсто од јунешкото и телешкото месо задоволуваме од домашно производство, а преостанатото се увезува, како и целосна легализација на сите објекти за одгледување говеда и други мерки. Со создавање економски силни фармери (со повеќе од 20 говеда по фарма), како и со ревитализација на селските подрачја и забавување на депопулацијата во селата, можеме да бидеме конкурентни на отворениот пазар на млеко и месо, како и развој на одржливо и профитабилно говедарско производство. Моментално релативниот мал број говеда по фарма (моментално 6,5 говеда по фарма, односно 3-4 крави по фарма), во голема мера зависи од големината на земјишниот посед за производство на добиточна храна – појаснува Буневски.

Значителни промени во концептот на одгледување на свињите

Професорот Владо Вуковиќ, исто така од Факултетот за земјоделски науки и храна, отсек свињарство, посочува дека свињарството е единствената област каде што популацијата нема опаѓачки тренд и каде што потребите на пазарот од Македонија генерално се задоволуваат од домашните производители.
– Во последните години во свињарството има позитивен тренд во повеќе сфери од секторот што директно или индиректно придонесуваат за неговиот развој и неговата препознатливост во земјата и пошироко. Традиционално, производството на свињи во Македонија има големо значење поради големата важност на свинското месо за исхрана на населението и за преработка во финални производи. Последните години се случија значителни промени во концептот на одгледување на свињите, па, така, големите индустриски и малите семејни фарми воведоа современи зоотехнички методи, првенствено со поефикасно користење на расположливите биолошки капацитети и со примена на современите научни достигнувања во областа на генетиката, селекцијата, репродукцијата, исхраната, како и целокупното производство – објаснува професорот.

Вуковиќ посочи дека од 1990-тите години до денес во нашата земја се креирани два клучни стратегиски документа во однос на принципите за генетичко унапредување на националната популација на свињи, Национална одгледувачка програма за свињарство (НОПС) и Заедничката основна програма за одгледување свињи (ЗОПОС).
– Со помало или поголемо учество на државата (МЗШВ, ФЗНХ, странски донатори и други), но во основа низ приватни вложувања на компаниите, работите во свињарството тргнаа во посакуваниот правец. Од 2001 година одделни големи свињарски фарми воспоставија одгледувачки пирамиди во соработка со специјализирани одгледувачки компании или, пак, самостојно. Кај малите фарми сѐ уште не е воспоставена одгледувачката структура на фармите, па, оттаму, не се евидентирани нивните постигнувања. Овие фарми се принудени да спроведуваат сопствени методи на одгледување и селекција, кои се со мал ефект, особено поради екстензивните методи и лимитираната големина на овие популации.

Како и да е, во земјата од нејзиното осамостојување до денес, повеќе или помалку со помош на државата, генетичкото унапредување на поважните особини на свињите има значаен позитивен тренд. Реализираното унапредување на прикажаните репродуктивни и производствени особини во последната 2019 година е евидентно. Истото тоа може да се спореди и со европските резултати за истиот период со споредба врз основа на релевантен примерок. Во однос на ефектите од селекцијата во текот на 2019 година, но и во однос на можностите за понатамошна селекција на одделните особини на свињите, може да се констатира дека ефектите се видливи, можностите се јасни поради утврдената варијациска ширина и консолидирани популации опфатени со соодветни одгледувачки програми – посочува професорот Вуковиќ.

Извор: Нова Македонија

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close