Македонскиот компир скапува на сметка на увезениот
Илјадници тони висококвалитетен компир скапува по магацините и подрумите на жителите од тетовска Мала Речица.
Илјадници тони висококвалитетен компир скапува по магацините и подрумите на жителите од тетовска Мала Речица. Голем дел од семејствата од ова населено место го одгледуваат овој производ. Семејството Рушити моментално има во магацините над 800 тони компир. Но и по четири месеци откако го собрале од нивите нивниот производ се уште не е продаден.
Велат ниту некој е заинтересиран за нашиот компир, а има некои поединци кои не понижуваат и ни нудат екстремно ниски цени.
-Криза имаше и порано , но со пандемијата сега е катастрофално. Компир имав засадено на површина од 60 декари, а не ми е продаден . Цената е 7 денари, а трошокот е 10 денари, катастрофа. Лошо е што се носи компир од страна. Тоа е најголем проблем, има компир на Кванташки пазар. Тој се носи од секаде од странство, а мојот компир седи во магацини, имам сто тони компир во магацинот, рече Бајрам Али Рушити од тетовска Мала Речица.
И на неговите двајца браќа Али и Селам како и на останатите мештани од ова Потшарпланинско село не им се продава овој производ. Ако не се продаде за неколку недели изгледа ќе треба да го фрлиме компирот во река Вардар, а другата година не ни садиме. Со цена како што ни нудат оваа година не ни се исплаќа да се занимаваме со производство на компир, во загуба сме целосна, вели Али Рушити.
-Трошоци има многу. На пример се носи семенски материјал од Холандија, па има прскање а тие препарати се скапи, па ѓубриво и нас трошок ни е голем, а 7 денари ни се откупува компирот. Ние немаме сметка да садиме компир, ние ќе го прекинеме производството, и ние ќе бегаме во странство ако сме постари малку. Состојбата е лоша дека ние сме голема фамилија и се занимаваме со компир и е лоша година, дека има пандемија и луѓето немаат пари и не се продава компирот. Другите години беше добро. Се продаваше за десет денари тоа е ниска цена, ама барем ги покривавме трошоците. Сега никој не те прашува, увезуваат стока од други држави а нашиот компир стои. По мое мислење изгледа ќе остане компирот по магацините и ќе скапе, ако не преземе државата мерки. Мислам дека над 150 тони дневно влегува компир во нашата држава, рече Али Рушити од тетовска Мала Речица.
Земјоделците велат дека ќе почекаат уште малку, ако државата не го спречи увозот на компирот од странство и не преземе мерки да се продаде домашниот компир по многу повисока цена од таа што се нуди која е мизерна и омаловажувачка, ќе излезат на улица.
-Му поминува времето на компирот. Чекаме малку да се дигне цената, но цената останува иста како што гледаме. Ние ќе чекаме уште малку, ако не се забрани увоз на компир, тогаш ние ќе се организираме и протестираме и ние ќе ги бараме нашите права. Компирот македонски стои во магацин, а се носи од надвор, истакна Селам Рушити од тетовска Мала Речица.
Земјоделците се пожалија дека веќе две години не добиле субвенции. Има луѓе кои според нив живеат во станови немаат земја и добиваат субвенции, а вистинските земјоделци остануваат без денар и секоја година се во загуба. Поради ваквата состојба голем дел од тетовските земјоделци се откажуваат од оваа дејност и се селат претежно во западноевропските земји, а земјата останува необработена и запустена.
Зоран Димовски