Занаетите се во сериозна стагнација поради пандемијата
Преку сетовите на економски мерки кои ги нудеше државата имаше помош и за занаетчиите.
Ниту еден занает не е отпорен на корона кризата, а пандемијата придонесе да се намали бројот на нови занаетчиски дуќани. Мал е бројот на оние кои се охрабруваат во вакви услови да отворат бизнис. Анета Атанасовска од Занаетчиската комора Скопје вели дека има намалување за 70 отсто, но и дека занаетите директно зависат од потребите и платежната моќ на граѓаните.
„Занаетчиските дејности се дејности во делот занаетчиско производство, занаетчиски услуги и дејност на домашно и уметничко занаетчиство. Нема отпорни занаети на ковид кризата затоа што атрактивноста на занаетите е поврзана со потребите и платежната моќ на граѓаните. Сите занаети го почувствуваа ударот на пандемијата, со драстично намалување на приходите, отежнати услови за работа со почитување на заштитни мерки за работа, постојана дезинфекција на работниот простор. Во моментов има многу мал интерес за регистрација на занаетчиски бизниси поради ковид кризата и многу малку луѓе се охрабруваат да отворат сопствен бизнис. Барања за упис во занаетчискиот регистар во многу намален обем од претходниот период има за секторот лични услуги( маникир и декорација на нокти, козметичар, масер,автомеханичар, автолимар)“, објаснува Атанасовска.
Димче Ивановски, претседател на Македонската фризерска асоцијација раскажува дека поради пандемијата, не се одржуваа школи, семинари, работилници на кои луѓето се преквалификуваат за да станат фризери. Објаснува дека занаетот не се учи онлајн, и затоа има стагнација и за едукација и за отворање на нови дуќани. Откако почна пандемијата, луѓето кои поминале курсеви и го изучиле занаетот, немаат шанса да добијат странски грантови за да почна со работа, затоа што сѐ е во мирување.
„Имаше луѓе кои завршиле гимназиско или економско училиште, по што се преквалификуваат за да станат фризери, но сега никој нема да отвори дуќан за да го затвори, затоа што знаеме дека имавме период кога воопшто не работевме. Првиот момент е дека едукацијата за занаетите е во стагнација поради пандемијата“, вели Ивановски.
Преку сетовите на економски мерки кои ги нудеше државата имаше помош и за занаетчиите. На многу занаети им се заканува изумирање или веќе се изумрени. Занаетите во изумирање се занаети за кои низ годините се намалува побарувачката на производите и услугите и кои во услови на пандемија се борат за да опстанат и да не згаснат. Тие занаети се ковач, крзнар, шапкар, јорганџија, папуџија кои опстојувале долги години без финансиска поддршка од државата, но сега е навистина неопходна континуирана помош за да останат во занаетчискиот регистар како активни бизниси и да продолжат со вршење на дејност. https://faktor.mk/ne-se-otporni-na-korona-krizata-zanaetite-se-vo-seriozna-stagnacija-poradi-pandemijata-