Растат маките на земјоделците-скапи ѓубрива, изгубени пазари
Неизвесноста околу пласманот и зголемените цени на репроматеријалите ги натераа земјоделците да го намалат производството на земјоделски производи во услови кога на државата ѝ е потребно поголемо производство.
Поскапувањето на струјата, нафтата, репроматеријалите за производство и затворањето на пазарите силно го погодија земјоделскиот сектор. Состојба во Украина влијаеше на извозот на земјоделските производи, дел од договорите за извоз се прекинати. Најголем дел од земјоделските производи кои се пласираат на овие пазари ги сочинуваа јаболката, праските, кајсиите, грозјето и градинарските култури. Со оглед на состојбата постои опасност целото производство на овие производи да пропадне. Потрагата по алтернативни пазари за пласман на овие производи неопходно е да почне уште сега со помош на властите велат земјоделците.
Неизвесноста околу пласманот и зголемените цени на репроматеријалите ги натераа земјоделците да го намалат производството на земјоделски производи во услови на криза кога на државата и потребно поголемо производство. За да се намалат трошоците на земјоделците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлагаат Владата да донесе одлука за укинување на акцизата и ДДВ за зелена нафта за земјоделците и да не се плаќа ДДВ на вештачките ѓубрива.
Од Здружението „Напредни лозари„ велат дека ситуацијата во земјоделството е многу тешка и дека е потребно Владата веднаш да реагира и да ги исполни барањата за ослободување од акцизата и ДДВ-то за зелената нафта, зголемување на субвенциите, укинување на ДДВ-то за сите вештачки ѓубрива и хемиски препарати.
-Освен нафтата поскапени се сите репроматеријали. Цената на ѓубривата е зголемена за 100 отсто, една вреќа ѓубре од 25 килограми од 600 порасна на 1.200 денари, а покачени се и сите препарати за прскање. Имавме фабрика за производство на ѓубре, но ја затворивме и сега сме зависни од увоз. Ѓубривата најчесто ги увезуваме од Русија, Грција, Израел…, вели за ВЕЧЕР, Трајче Кулев претседател на Здружението.
И од Националната федерација на фармери велат дека се исплашени од ситуацијата со Украина, бидејќи е прекинат извозот на консумното јаболко кон овие пазари, а во ризик се ставени и сите останати производи.
-Не знаеме како ќе биде, се раскинуваат договорите со купувачите за рускиот, украинскиот и белорускиот пазар. Мал дел од нашето производство завршува на пазарите на ЕУ, како алтернативни пазари за овие производи се соседните земји и Казахстан, велат од НФФ.
И од струмичкиот регион велат дека имаат проблем со пласман на раноградинарските производи, особено со зелката која во најголем дел се извезуваше на пазарите во Русија и Украина.
-Додека има помали количини ќе се снаоѓаме некако, но не знам што ќе правиме кога ќе стасаат и оние количества кои се произведуваат на отворено. Засега дел од производството на зелка се пласира во Романија и Полска, но ресорното министерство мора да изнајде решение, вели за ВЕЧЕР, Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.
Земјоделците велат дека 80 отсто од нивното производство се извезува кон овие земји. Од ресорното министерство уверуваат дека мерки ќе има навремени, во моментов се прават анализи. Од опозицијата предлагаат Владата да донесе одлука за укинување на акцизата и ДДВ за зелена нафта за земјоделците и да не се плаќа ДДВ на вештачките ѓубрива.https://www.vecer.press/1%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%BF%D0%B0%D0%B7%D0%B0%D1%80%D0%B8/