Пиперките за ајвар во Струмичко по исти откупни цени како лани
За десетина денови се очекува да заврши бербата на отворено на пиперката „ајварка“ во Струмичко, а таа што беше засадена под пластеници веќе е собрана и продадена.
Откупните цени се исти со ланските, па прва класа пиперка за преработувачките капацитети и откупните пуктови се откупува од 30 до 35 денари за килограм, а втората од 20 до 25 денари.
Производителите велат дека се задоволни од побарувачката за оваа пиперка, но од цените не се, бидејќи во споредба со лани производствените трошоци се неколкукратно зголемени.
-Освен откупните цени, голем проблем за земјоделците се и лошите временски услови, посебно последните дождови, кои многу лошо се одразија на квалитетот на “ајварката“ на отворено. Производството е при крај, но добро е што има интерес за неа и трговците ја откупуваат. Сепак, откупните цени требаше да бидат повисоки од лани за да можат земјоделците да ги покријат трошоците, кои се зголемени за неколку пати во споредба со лани, како што е цената на ѓубривата и другите репроматеријали, рече Ристо Велков, од Сојуз на синдикат на земјоделски производители Струмица.
Инаку, од година во година производството на оваа пиперка се намалува, а годинава на тоа влијаеја и екстремно променливите временски услови. Штети и намалување на приносите има кај оние прозводители кои навреме не ги наводнувале посевите и не извршиле навремено прихранување, а според досегашните сознанија производството на „ајварката“ е помало од лани за околу 20 до 30 отсто.