fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Нека е честит Денот на полето и нека носи полиња полни жито

Користењето на сертифициран семенски материјал, примена на добри агротехнички практики, и употребата на сорти отпорни на климатските промени и болести е клучот за успех, за поголем и поквалитетен принос.

Денеска, во село Новосељане кумановско, се одржа традиционалната манифестација „Ден на полето“ во организација на Комбинатот „Клечовце“ и земјоделската задруга „Агростарт“.

Во присуство на бројни претствници на институции од земјоделскиот сектор, гости од земјава и од странство и многу земјоделци, кооперанти, членови на задругата „Агростарт“, денеска на полињата со жито во Новосељане се славеше полето како главен извор на храна.

„Убаво е чувството да се гледаат овие житни полиња кои се пример за употреба на најсовремени технологии за производство, со примена на добри практики, модерна механизација и примена на дигитализација во земјоделското производство. Сето ова, со примена на сертифициран семенски материјал и квалитетни средства за прихрана и заштита на производството, е пример како може континуирано да се зголемува производството и да се добива зголемен принос. Тоа е она што континуирано го зборуваме на нашите теренски средби со земјоделците, да користат сертифициран семенски материјал, од квалитетни сорти и на тој начин на иста површина да добијат многу поголем принос по хектар. На пример, во 2017 година, приносот на пченица по хектар, изнесувал 2500 кг, а во 2022 сме оствариле просечен принос од 3400кг по хектар, што значи дека одиме напред“ изјави министерот Николовски.

Во своето обраѓање министерот истакна дека не е доволно само да се земе земја под закуп, да се добијат субвенции од државата, туку треба да се применуваат добри агротехнички практитки, да се употребуваат сорти отпорни на климатските промени и отпорни на болести. Комбинатот Клечовце е одличен пример за тоа, а што е уште поважно, тие несебично го споделуваат своето знаење со земјоделците, токму преку ваквата манифестација на која директно од терен на земјоделците им се презентираат сите достигнувања, за самите лично да се уверат дека доколку се постапува правилно, успехот е загарантиран.

Министерот потсети дека минатата година беше кризна година во која се појави недостиг од жито, поради војната во Украина. Ние како министерство, реагиравме многу брзо. Подготвивме Национален план за производство на храна и бевме единствена држава во регонот која донесе Интервентна програма вредна 900 милиони денари, преку која во услови на криза обезбедивме поддршка за секој еден земјоделец.

Токму преку оваа Интервентна програма за производителите на житни култури обезбедивме до 40% поддршка при набавка на вештачко ѓубриво, односно поддршка од 4.000 денари по хектар за производителите на пченица и пченка и 2.500 денари по хектар за производителите на јачмен и сончоглед.

Откупната цена на пченицата од година во година бележи раст, а минатата 2022 имавме досега највисока цена од 17,00 денари по килограм, со ожнеана површина од 74.000 хектари пченица, со остварено производство од 251.600 тони и остварен просечен принос од 3.400 кгр/ха.

Овие бројки говорат дека имавме успешна година и успешна производна сезона, а за 2023 очекуваме уште подобра година и поголемо производство, бидејќи имаме зголемени површини. Во производната 2022/2023 година пченицата е засеана на вкупна површина од 78.300 ха, од што претставува зголемување на површините за околу 4.300 ха во однос на 2022 година и се очекува зголемување на производството на пченица во 2023 година за околу 6%.

Годинава навремено ги исплативме субвенциите за полјоделските култури, исплатени се 422,4 милиони денари за над 24.000 корисници, а со новиот модел на субвенцирање житните култури ги издвоивме како култури со стратешко значење за кои секогаш ќе биде обезбедена финансиска поддршка од државата.

Со мерката за директни плаќања за задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал кај поледелските култури во 2022 година беа опфатени вкупно 13.175 земјоделски стопанства за вкупна површина од 51.450 ха.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го поддржуваше и понатаму ќе продолжи да го поддржува производството на квалитетен сертифициран семенски материјал што претставува основен предуслов за подобрување на квалитетот и квантитетот на поледелските култури, а со тоа директно влијаеме на намалување на зависноста на домашниот пазар од увоз на жита.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close