fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Положбата и проблемите на селаните – земјоделци во капиталистичка Република Македонија

Пишува Никола Петров – Координатор на Левица – Сектор земјоделие

Положбата и проблемите на селаните – земјоделци во капиталистичка Република Македонија, во која владее длабока социјална и национална експлоатација, изискува постојана класна борба за менување на тешката состојба. Ние мораме да се занимаваме и со селанското прашање, односно со општествената и класната положба на селаните, и активно да работиме на нивно вклучување во борбата против експлоатацијата од реакционерната буржоазија на власт.

Влијанието на Левица врз селанството може постојано да расте, затоа што таа со својата програма му отвора перспективи на работното и чесно селанство за подобра иднина, за подобар и поправеден свет.

Без создавање на  сојузништво меѓу работничката класа и селанството, како и другите интелектуални прогресивни сили во општеството, не може да имаме успешна борба за социјално и национално ослободување.

Иако граѓанските партии како СДСМ и ВМРО–ДПМНЕ, имаат големо влијание врз селанските маси и работничката класа, Левица упорно работи и ќе работи на демаскирањето на нивните вистински експлоататорски стремежи и нивното национално предавство, создавајќи сопствена програма за придобивање на селанството и работничката класа и на другите чесни и работни луѓе, и затоа влијанието на Левица врз селанските работни маси постепено и постојано расте.

Ние секогаш бараме такви практични решенија што ќе му одговараат на работното селанство и индивидуалните земјоделски производители, и ќе му помогнат да се вклучи во сите текови на  социјалистичкото самоуправување и во изградбата на новото општество.

Постојано укажуваме на теориското и практичното разработување на прашањата од областа на земјоделството, на таа важна гранка, на создавање на модерно земјоделско производство врз принципите на индустриски начин на работа и поврзување со преработувачката индустрија и пазарот со цел да се осигури снабдување на населението со земјоделски и прехрамбени производи.

Но најпрво мора да работиме за создавање на материјални услови за развој на модерно земјоделство како кај индивидуалните земјоделци така и кај општествените земјоделски комбинати (кои ќе ги добиеме со трансформација на приватните земјоделски комбинати во општествени).

Здружувањето на селаните во задруги и нивното поврзување со крупните општествени ЗИК-ови ќе придонесе за поврзување на селанството со работничката класа и со работниот народ врз нови општествено – економски односи, за нивно ангажирање во изградбата на социјалистички самоуправни односи, на нови односи помеѓу луѓето, што во суштина ќе влијаат врз зголемувањето на целокупното земјоделско производство.

Нашата научна фела, исто така ќе даде голем придонес во создавањето на наши, автохтони сорти на пченица, хибриди на пченка, сончоглед и други клултури, како во растителното производство така и во живинарството и сточарството.

Тоа треба да придонесе општествените ЗИК-ови во кооперација со индивидуалните земјоделски производители, да ги подмируваат сите потреби во снабдувањето на нашето население со храна, а вишоците заедно да ги пласираат на странските пазари.

На селаните, на индивидуалните земјоделски производители, трудот подеднакво треба да биде вреднуван како и на секој друг работник. По ништо не смее да се разликува селанецот земјоделец од друг работен човек, ни по положбата во општественото уредување, ни по распределбата, ни по општите услови за работа и живот.

Во ништо не е повеќе вреден или заслужен работник што живее во град од селанец земјоделец што живее и работи на село. Условите за живеење и работа мора да бидат еднакви за двајцата. Селаните мора да се вклучат во развојот на самоуправувањето на село и во разни сфери и различни нивоа на општеството преку создавање на основни организации на здружен труд на кооперантите – индивидуалните производители, со основање на месни заедници во секое село, како и месните заедници да испраќаат свои делегации во општинските совети.

За непланското производство во земјоделството најголема вина имаат досегашните неолиберални влади. И оваа состојба не е присутна само кај нас, туку секаде каде што индивидуалните земјоделски производители се трн во окото, камен на патот на крупните приватни комбинати. Тие ќе направат се’, ќе ги преземат сите мерки да си го расчистат својот пат кон профитот.

Затоа ние сме за планирање на земјоделското производство и да обезбедиме сигурен пласман на производите. Планирањето е присутно секаде. Едно семејство си ги планира месечните приходи, ги планира расходите, го планира образованието на децата, годишниот одмор, и така натаму. Фабриките го планираат своето производство, тие мора да знаат колку да произведат, бидејќи ако произведат повеќе, ќе им остане производот, нема да се продаде, а парите се веќе вложени во процесот на производство. Ние единствено во земјоделството немаме планирање, зошто одредена култура садиме, колку садиме, како ќе ја изработиме, колку парични средства ќе ни бидат потребни од садење до берба, каде и по која цена ќе ја продадеме и колку ќе си го наплатиме нашиот труд.

Денеска во целиот свет се говори за потребата од поголемо производство на храна. Голем дел од светот, повеќе од една третина гладува. Поради тоа на оваа гранка мора да и се посвети фандаментално значење. Практичното обединување на сите работни луѓе, сојузот помеѓу работниците и селаните врз основа на здружување на трудот и средствата за работа, развој на социјалистичките односи на село, поопштествување на приватните комбинати и крупните земјоделски поседи, планското и државно организирано земјоделско производство се предуслови за остварување на општествен и материјален напредок, пораст на животниот стандард на селанството, подобро утре за нас и нашите идни поколенија.https://antropol.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close