ТИКВЕШКИТЕ ЛОЗАРИ ЈА ПРЕДУПРЕДИЈА ВЛАСТА – ИЛИ ПАРИ ОД ВИНАРИИТЕ ИЛИ МАСОВНИ БЛОКАДИ НА ПАТИШТАТА

Тиквешките лозари ја предупредија власта – или пари од винариите или масовни блокади на патиштата. Тие денеска се собраа на кавадаречкиот плоштад на предупредувачки протест. Велат дека веќе не можат да издржат без пари, оти винариите Повардарие и Стефани заедно им должат околу еден и пол милиони евра. На владата и порачаа дека мора еднаш засекогаш да го реши проблемот со неисплаќањето на лозарите. Тие побараа и повисоки цени за грозјето.

Двете винарии им должат на лозарите уште од 2014 година. Состојбата со Неготинско Повардарие ја оценија како ветувачка, оти винаријата го исплаќала долгот. Но, проблем е визбата на Стефани, која е во стечај. Лозарите обвинуваат дека од стечајот ќе се офајдат сите, само не тие.

Лозарите добија поддршка и од кавадаречкиот градоначалник. Тој вели дека заедно со пратениците од градот, се обидуваат институционално да го решат проблемот.

На лозарите им се обрати и пратеникот Панчо Минов, кого дел од присутните го исвиркуваа. Тој им порача дека и покрај тоа, ќе се бори за нивните права. Лозарите предлагаат формирање фонд за исплата на грозје, кој преку Македонската банка за поддршка и развој, ќе им гарантира сигурна исплата на предаденото грозје.


 

24vesti

Share Button