Земјоделците од Свети Николе и Лозово денес во 12 часот на протест
Немаат вода за наводнување на нивите!
Протестот и блокадата на земјоделците од Општините Свети Николе и Лозово, ќе почне во 12 часот, а повод е што немаат вода за наводнување на нивите. Вода за наводнување на земјоделските култури земјоделците велат дека имале само во текот на викендот. Во Овчеполскиот регион вложено е во ниви со бостан, детелина, тутун и лозја, кои треба да се наводнуваат и за што земјоделците плаќаат на АД Водостопанство „Брегалница“.
Директорот на АД Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов за МИА вчера потврди дека запрена е водата за наводнување за Овчеполскиот регион и ќе следи планот за наводнување.
-Имаме рестрикции на водата и план за наводнување, изминатиот период во Светиниколско имавме неколку дефекти на системот за наводнување, успеавме да ги решиме, за време на викендот земјоделците имаа вода за да ги наводнат своите ниви, кои според пријавеното треба да бидат околу 3.000 хектари, вели Богатинов.