Макпетрол заработи еден милион евра дивиденда?
Најголем дел од дивидендата што дошла како прилив во „Макпетрол“ е од неговите вложувања во акции во „Комерцијална банка“
Вложувањата во акции на „Комерцијална банка“ на „Макпетрол“ во мај му донесоа речиси милион евра дивиденда, а од неговите акции во транспортната компанија ОИЛКО во билансот за третиот квартал ќе легне дивиденда од уште околу 700.000 евра. А тие финансиските приходи значајно ќе ја зголемат добивката на нашиот гигант за малопродажба на нафтени деривати и стоки за широка потрошувачка. Евала „Макпетрол“ за една година 1,6 милиони евра од дивиденди!, објави https://faktor.mk
Најголемата македонска компанија за малопродажба на нафтени деривати во последниве години се покажува и како добар инвеститор во акции. Најновиот консолидиран биланс за првите шест месеци годинава покажува дека оваа компанија од дивиденди заработи речиси еден милион евра. Ова е официјален податок кој е јавно достапен од консолидираниот извештај за паричен тек на „Макпетрол“, документ јавно достапен на СЕИ НЕТ системот на Македонската берза.
Голема е веројатноста дека најголем дел од дивидендата што дошла како прилив во „Макпетрол“ е од неговите вложувања во акции во „Комерцијална банка“. Во најголемата деловна домашна банка „Макпетрол“ вложи значајни средства во 2018 година заедно со „Гранит“ и пред се „Адора инженеринг“ особено во периодот кога акции продаваше шведскиот инвестициски фонд.
Со тоа купување „Макпетрол“ дојде на ниво да поседува помалку од 4 отсто од сите акции на „Комерцијална банка“. А годинава дивидендата од „Комерцијална банка“ беше солидна и изнесуваше над 800 денари за акција во нето износ.