Во Кичево – белгиска компанија започна со изградба на фабрика за електронски батерии
Ќе се вработуваат 600 луѓе
Белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ официјално започна изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) Кичево. Оваа инвестиција од 40 милиони евра ќе отвори 600 нови работни места и ќе се реализира во повеќе фази.
Ова е осмата странска инвестиција која се реализира во Македонија во текот на последните шест месеци. Владата на ВМРО-ДПМНЕ успешно реализирала седум други големи инвестиции, вклучувајќи и изградба на ветерници од страна на „Алказар Енерџи“ во општините Радовиш, Штип и Карбинци, вредни 500 милиони долари, како и инвестиции од компании како „Епсотех“ за развојно-истражувачки центар, „Вебтек“ за производство на сопирачки за шински возила, и германската „BMZ Group“ за производство на литиум јонски батерии.
Вкупната вредност на овие инвестиции изнесува повеќе од 1,1 милијарда евра и тие ќе обезбедат речиси 2,800 нови работни места, што директно придонесува за економскиот раст и локалниот развој на Македонија.
„Овие инвестиции ја поттикнуваат економијата и ја трансформираат Македонија. Продолжуваме да работиме посветено на економскиот напредок на земјата и на отворање на нови работни места,“ изјави претставник од Владата.