fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Богојески -Храната е македонската нафта! Ние увезуваме „песок во Сахара“!

Кај нас, државата управува со земјоделието децении наназад преку субвенции кои не поттикнуваат продуктивност (output), туку купуваат социјален мир.

ХРАНАТА е македонската нафта!
Ние увезуваме „песок во Сахара“!
Гледајќи го овој графикон од Bloomberg Adria, кој јасно ја отсликува македонската економска трагедија, не можам да се оттргнам од помислата дека сведочиме на еден структурен апсурд. Храната, тој благороден ресурс за кој ова парче земја има апсолутна, Божја и географска предиспозиција, за Македонија треба да биде она што е нафтата за Русија, гасот за Катар или микрочиповите за Тајван.
Но, реалноста е поразителна. Графикот покажува „ножици“ кои се шират застрашувачки: увозот на храна надминува 1 милијарда евра, додека извозот доаѓа едвај до половина од тоа. Да се биде Македонија и да се биде нето увозник на храна е економски оксиморон.
Тоа е еквивалентно на сценарио во кое:
• Русија масовно увезува нафта и гас.
• Германија увезува повеќе автомобили отколку што извезува од своите ленти во Волфсбург и Штутгарт.
• Аргентина увезува пченка и говедско месо.
• Кина е нето увозник на евтини гаџети и електроника.
Зошто ни се случува ова? Одговорот лежи во напуштањето на пазарната логика и заробувањето на земјоделието во канџите на државниот интервенционизам и социјалната, наместо бизнис политиката.
Големиот Милтон Фридман, добитник на Нобеловата награда за економија и татко на слободарската мисла, своевремено ја кажа познатата мисла: „Ако ја ставите Владата да управува со пустината Сахара, за пет години ќе има недостиг на песок.“
Кај нас, државата управува со земјоделието децении наназад преку субвенции кои не поттикнуваат продуктивност (output), туку купуваат социјален мир. Резултатот е токму тој, недостиг на „песок“ во нашата плодна почва. Имаме земја, а немаме храна.
Проблемот е и во, како што би рекол Фридрих Хајек, „фаталната самоувереност“ (The Fatal Conceit) на централните планери. Идејата дека бирократите во Скопје знаат подобро што треба да се произведува од самиот пазар, доведува до дисторзија на цените и на ресурсите. Наместо земјоделието да се третира како високо – технолошки бизнис (Agri-business) воден од профит и конкурентност, тој се третира како социјална категорија за преживување.
Економијата не простува. Според законот за компаративна предност, ние мораме да се фокусираме таму каде што сме најјаки. А ние сме најјаки во сонцето и почвата. Да увезуваш домати и пченица во Македонија е признание за крах на економската логика.
Време е да престанеме да го третираме земјоделието како фолклор, туку како индустрија. Помалку држава, повеќе пазар. Помалку бирократија, повеќе претприемништво. Во спротивно, ќе останеме запаметени како единствената „бензинска пумпа“ во светот која увезува гориво.
Преземено од Фејсбук профилот на Петар Богојески, претседател на „Македонски концепт“
Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close