
Шест килограми домати за едно кафе еспресо: земјоделците продаваат зеленчук со загуба
Производната цена на доматите е најмалку 20 денари без да се смета вложениот труд, велат земјоделците. Прогнозите се дека ќе успеат само оние што имаат поголеми ниви
Домати по 60 денари, краставици по 40 денари, морков по 60 денари, пиперки по 60 и по 70 денари за еден килограм, но и акција од три килограми за 100 денари… Ова се денешните цени на Зелениот пазар во Скопје, кој важи за еден од поевтините. Купувачите конечно може да набават евтин зеленчук, но дали со вакви цени земјоделското производство им е исплатливо на земјоделците?, пишува Слободен печат
Производителите на зеленчук го даваат своето производство на големо од нива по многу пониски цени од оние што се на пазар. Еден килограм домати се продава за само 15 денари!
– Вчера дојдоа и ми ги откупија доматите за свежа консумација по 15 денари за килограм. Нашата производна цена е најмалку 20 денари. Колку е точно, тоа зависи индивидуално од големината на насадот, примената на агротехничките мерки, видот на ѓубривото што се користи. Факт е дека сè поскапи за да се произведе доматот – и нафтата и ѓубривата и работната рака. Но, ние во овие пресметки не ја ни ставаме нашата работна рака – објаснува за „Слободен печат“ Ристо Велков од Агросојуз од Струмица.
Голем наплив на зеленчук од Албанија
Велков смета дека ниските откупни цени на доматите се поради големиот увоз на домати од Албанија.
– Има голем наплив на зеленчук од Албанија. Таму предност се климатските услови. Кај нив веќе е втора реколта, а кај нас е првата. Во вакви услови, нашиот зеленчук се продава по пониски цени – вели Велков.
Тој смета дека во иднина ќе опстојат само оние што имаат барем еден или два декара земја што ја обработуваат.
– Годинава доматите имаат ниска цената, но лани имавме добра година. Од нива, прво продававме по 35 до 40 денари, но на крај јас завршив со цена од 50 денари за еден килограм. Тие што обработуваат поголема земја, годинава со парите што ги спечалија лани, може да ја покријат и годинешнава загуба. Но, некој мал земјоделец не може да опстои и затоа многу и се откажуваат – вели Велков.
Но, во однос на пиперките, тој смета дека сегашната цена е исплатлива. На големо, од нива се откупува по 30 денари за еден килограм.
– Трошоците и работата со пиперките се помали отколку за доматите – објаснува Велков, но стравува за цената на ајварката, за која пазарот допрва ќе се утврдува.
Сега стигнува втората реколта на краставиците, а продажната цена од нива е по 25 денари.
– Како за втора реколта оваа цена е ниска. Ниска е и цената на лубениците, кои ни ги откупуваат по 5-6 денари за еден килограм. Многупати сум кажал, во државава недостига земјоделска стратегија. На клучните позиции нема луѓе што навистина го познаваат земјоделството – нагласи Велков.
„Не може да не те заболи душата“
Ниската откупна цена на доматите ја актуализира и македонскиот поет Дарко Лешоски, кој направи споредба дека „шест килограми од најубавите домати на светот се продаваат колку едно еспресо во кафуле“.
„И не може, не може да не те заболи душата кога ќе ги видиш како ги истураат по асфалтот патлиџаните. Не може да не ти се скине срцето… ако навистина си ја сакаш својата земја и својот народ“, напиша меѓу другото поетот и самокритично рече дека не може и неговата последна книга од 400 денари да чини како 26 килограми домати.




