Каракашев – Македонското земјоделство е во длабока криза неопходни итни и коренити промени
Итна изработка на национална стратегија за развој на земјоделието која ќе биде долгорочна и заснована врз стручни анализи а не врз дневна политика.
Македонското земјоделство се наоѓа во длабока криза и затоа се неопходни итни и коренити промени за да се спаси домашното производство на храна и да се спречи целосниот колапс на аграрниот сектор.
Првиот чекор кон решенијата бара итна изработка на национална стратегија за развој на земјоделието која ќе биде долгорочна и заснована врз стручни анализи а не врз дневна политика. Оваа стратегија треба да опфати временски хоризонт од барем десет години за да можат земјоделците сигурно да ги планираат своите инвестиции и идни реколти без страв од ненадејни промени на правилата.
Втората клучна мерка е воведување на строга заштита на домашниот пазар од неконтролираниот и нелојален увоз кој ги уништи домашните производители токму во периодот на бербата. Инспекциските служби мора теренски и бескомпромисно да вршат контроли на квалитетот и потеклото на увезените производи додека државата треба да применува привремени царински мерки и квоти кога домашниот пазар е заситен со сопствено производство. Само на овој начин трудот на македонскиот земјоделец нема да биде обесценет преку ноќ со евтина и сомнителна стока од странство.
Третата област каде што се потребни реформи е системот на субвенционирање кој мора темелно да се ревидира за да стане вистинска инвестициона поддршка а не социјална помош. Субвенциите мора да се исплаќаат навремено директно на сметките на вистинските примарни производители врз основа на остварено производство и предадена количина а не само според пријавена површина. Административните процедури за добивање на овие средства мора максимално да се поедностават а контролите да бидат строги за да се спречи каква било злоупотреба на државните пари.
Четвртиот сегмент подразбира решавање на проблемот со пласманот и монополите преку воспоставување на реален и функционален пазар со јасни правила за договорно производство. Државата мора да биде гарант дека договорите помеѓу откупувачите и земјоделците ќе се почитуваат а секое незаконско условување или доцнење на исплатата од страна на големите откупни центри мора да биде строго санкционирано од институциите. Исто така неопходно е отворање на нови државни откупни и собирни центри опремени со ладни комори каде што земјоделците можат безбедно да го складираат вишокот на својот род.
Петтиот приоритет е насочен кон модернизација на инфраструктурата и борба против климатските промени кои секоја година носат огромни штети на реколтите. Владата мора итно да инвестира во целосна реконструкција и проширување на постојните системи за наводнување како и во воведување на модерни и беспрекорно функционални системи за целосна противградска заштита низ сите региони. Научните институти и земјоделските факултети мора да бидат вклучени во креирањето на секоја мерка бидејќи само со стручен пристап и користење на нови агротехнички мерки може да се зголеми приносот и квалитетот.
Шестиот важен чекор е поддршката за развој на преработувачките капацитети со цел да се поттикне извозот на готови производи со висока додадена вредност наместо извоз на евтини суровини. Преку давање на даночни поволности и грантови за отворање на мали семејни претпријатија за преработка на храна селата можат повторно да оживеат и да им понудат перспектива на младите луѓе. Само со целосно заокружување на процесот од нива до трпеза македонскиот аграр може да опстане и да стане стабилен столб на националната економија.
Национална земјоделска мрежа – претседател Ѓорги Каракашев




