fbpx
ВестиТоп вести

Кори, јуфки… како  инспирација за бизнис

 

Варени, печени, со сос или без него, со  сирење или било што друго. Корите или јуфки и губи (  ги нарекуваат различно, во зависноsт од регионот)  се дел од нашата традиционална  кујна. Присутни се во исхраната во различни варијанти што зависи од умешноста на домаќинката. Нема домаќинка  на нашите  простори што не знае прво да ги прави а пото да ги приготвува. Како дел од нашата традиција тие претставуваат одлична инспирација за отпочнување на бизнис.

Валентина Ангелова од с.Лавци Битолско своите вештини за правење  јуфки или кори по битолски, ги искористи  да почне свој бизнис. На почетокот правела за свои познајници, но кога порачките се зголемиле, одлучила да се регистрира и својот производ да го пласира и во продавниците.

„Веќе трета година се занимавам со ова, изработувам кори, јуфки, по домашен рецепт. Денешниот начин на живот не им дозволува многу време на младите домаќинки за оваа работа, па затоа се одлучив да се занимавам со овој бизнис. Ги изработувам по стар традиционален рецепт, само со брашно , јајца, сол  и млеко. Се’ е природно, нема вода, нема вештачки бои. Ги носам по продавници и задоволна сум од потрошувачката. Барани се. Оние што еднаш купиле и ги пробале , повторно ги бараат“, вели за Зелена берза Валентина.

Целата постапка на изработување, ја прави сама. Тестото го меси рачно, а потоа со помош на машинка , која исто така е рачна, ги прави корите. Кога ќе се исушат ги пакува во кеси и ги дистрибуира. За дистрибуцијата е задолжен нејзиниот сопруг, кој е исто така задолжен и за набавката на сировините  кои ги набавува  од домашни производители. Задоволна е од досегашните резултати.

„Барани се корите. Задоволна сум од потрошувачката. Квалитетот е пресуден за тоа и се обидувам да го задржам. Успевам да извадам една минимална плата. Имам работилница и  си имам работно време. За сега сум сама и немам друг вработен. Би сакала во иднина да набавам миксер за тесто и друга посовремена  машина, за  да си олеснам. Така ќе можам и да вработам некој. Вака не можам, колку што можам толку, објаснува Валентина. Освен со мој материјал правам кори и  со материјал што ми го носат самите купувачи, додава таа.“

Валентина вели дека не го крие рецептот и ако некој се интересира го кажува. Својот производ го продава под името „Ла паста Тина“. За сега социјалните мрежи и се најголем маркетинг. Горда е на она што го работи и на својата фејсбук страница споделува фотографии како и рецепти како  може да се приготват корите и секој да има одличен појадок, ручек или вечера.

П. Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close