АГРОТЕХНИКА НА СОЈА

soja

Сојата е едногодишно мешункасто растение. Се користи за производство на зрно и зелена маса кои се користат во исхраната на стоката. Зрното од соја се користи како додаток во производство на концентарти. При производство на соја за да се добијат високи и квалитетни приноси многу е важна правилната агротехника. Во наши услови најдобра предкултура за сеидба е пченица, пченка, компир кој површината ја остава чиста. По сојата најдобро е површината  да се засее со житарици. Сојата да не се одгледува по легуминози.

Услови за одгледување:  Од никнење до созревање сојата бара повисоки температури, без поголеми промени во текот на денот и ноќта. Минималната температура за `ртење е 6-7° С. На просечна температура од 11°С никне за 17 дена , а на 21,7°С за 6 дена. Во фаза на цветање ако температурата падне под 14°С престанува а на температура од -1°С цветовите измрзнуваат. Над 32°С и при недоволно влага доаѓа до опаѓање на цветовите и мешунките. Сојата бара обилна светлина. Ако светлината е слаба стеблото останува тенко, полегнува и може да не дојде до цветање. Сојата бара влажна и топла клима. Посебно влага е потребна при цветање, формирање мешунки и налевање на зрното. Особено е важно да се обезбеди доволно влага во јули, и август. Сојата може да се одгледува скоро на сите почвени типови само да не се површините изразито тешки, забарени и кисели.

Обработка на почвата: Длабоко орање може да се изврши од есен, преку зима или рано на пролет во зависност од временските услови. Длабоко орање се извршува на длабочина 25-30 см за да се створат услови за акумулирање на поголеми резерви влага која ќе биде многу важна подоцна до колку се појави недостиг на влага, односно доколку нема врнежи во текот на вегетацијата. Со длабокото орање во целост се активира и подлабокиот слој почва. На длабоко обработени почви кореновиот систем на сојата повеќе се развива, главната маса на кореновите жилички продира подлабоко, со што се зголемува способноста за користење на хранливи материи и создавање на поголем број азотни грутчиња (азотофиксатори) со што почвата се збогатува со азот.

Пролетната обработка на почвата започнува веднаш штом се створат временски услови за работа (да не се лепи земјата за плугот), браздите се затвараат, површината се израмнува и се остава така до пред сеидба. Пред сеидба доколку на површината се створила покорица, површината се поминува со дрњача за да се искрши покорицата. 5-6 дена пред сеидба почвата се обработува на 7-10 см длабочина за да биде ровка, а потоа се порамнува и се пристапува кон сеидба. На вака припремена површина се создаваат услови за правилно и равномерно никнење на посевот.

За да се добијата високи приноси на зрно од соја потребно е во почвата да има доволни количини хранливи материи. На плодни почви за сојата е потребно 30 кг/ха азот, 50-60 кг/ха фосфор иI 40-50 кг/ха калиум. Н апослаби почви овие количини се зголемуваат. Најдобро е кога фосфорни и калиумови ѓубрива се внесуваат во почвата целосно или 2/3 со основаната обработка на почвата а остатокот и азотните со предсеидбена обработка. Ѓубрење со арско ѓубре треба да се изврши со  претходната култура и тоа 20-30 т/ха, при што сојата добро го искористува дури и во наредните 2-3 години продочженото дејство на арското ѓубриво.  Покрај тоа се врши ѓубрење и со минерални ѓубрива. Во наши услови се препорачува со длабокото орање да се внеси во почвата НПК(15:15:15) и тоа 300 кг/ха.  Прихранување се врши само доколку по завршената инокулација на семето и ѓубрење со азотни ѓубрива не се формирани груткови бактерии на коренот.  Тоа се врши со второто или третото култивирање со 100кг/ха КАН.

Сеидба: За сеидба почвата треба да е загреана над 10°С и да помине опасност од доцни мразеви. Ако се сее порано никнува поситно   и неизедначено, ако почвата е превлажна и е ладно семето може да иструли. Сеидбата во наши услови се изведува крај на април почеток на мај кога се садат пченката и гравот, но да не е подоцна од 15 мај. Нормален период од никнење до цветање е ако изнесува 45-60 дена.  Има повеќе начини на сеидба на сојата а најдобра е сеидбата во редови. Се сее на растојание 10-15 см во редот и 40-50см меѓу редовите. За ваков начин на сеидба кое се изведува рачно потребно е 80-130 кг/ха семе (најчесто 100 кг/ ха семе).  Доколку се сее со механички сеалки или механичко пнеуматски за окопни култури треба претходно да се прилагодат така што кај механичките отворите на сеидбениот диск да бидат 9 мм а кај пнеуматските отворите на сеидбената плоча да имаат пречник 3,5-4,5 мм. Се сее на длабочина од 4-7 см или на потешки почви се сее поплитко а на полесни подлабоко. Со самата сеидба семето се покрива со земја за да не дојде до угинување на азотофиксаторите под дејство на светлината. Посеаната површина се поминува со полесен валјак за да се соедини семето со почвата и влагата со што се овозможува побрзо никнење.

Истиот ден пред самата сеидба семето од соја треба да се зарази (инокулира) со препарат кој содржи бактерии азотофиксатори за да може да изникне. Ова особено е важно за површини каде прв пат се одгледува. Тие препарати се познати под името Нитрагин, Радицин. Инокулација на семето се врши под сенка, на поладно место, малку да се просуши и веднаш да се сее. Не смее да остани за попладне или за другиот ден зашто бактериите азотофиксатори од сонце угинуваат. Секое семе да биде инфицирано, се користи 1 л нитрагин за 50 кг семе или 2 л нитрагин за 100кг семе.

За сеидба во наши услови погодни се сорти од групата 0(средно рани сорти)  кои зреат за 110-120 дена.

Во периодот од сеидба до никнење  не се применува некоја посебна мерка за нега на посевот. Постои можност во пролетниот период да паднат обилни дождови од кои на површината на посевот се создава покорица која го отежнува никнењето на сојата. Во ваков случај покорицата се раскршува  со лесна брана со која истовремено се уништуваат и поникнатите плевели. Оваа мерка се применува ако сојата уште не поникнала.

Во текот на вегетацијата сојата има потреба од 2-3 окопувања. Обично првото окопување се изведува кога изникнатите растенија ќе достигнат висина од 5 см  или кога сојата има 1-2 прави листови со што почвата се прави растресита и ровка. Првото окопување се врши на длабочина од 6-8 см со помала работна брзина на тракторот и со тоа  се уништуваат и  поникнатите плевели. Второто окопување се изведува кога растението има висина 20-30см и со тоа се подобрува структурата на ппочвата, се уништуваат плевелите  и се врши проредување на посевот, се корнат слаби и мали растенија за да се добие склоп на растенија со растојание 10-15 см. Во оваа фаза сојата има развиен коренов систем и култивирањето се врши на помала широчина за да се избегне опасност од оштетување. Со проредувањето  се создаваат услови за подобар развој на останатите растенија. Трето окопување се врши по потреба до колку во посевот има плевели кои вршат засенчување на растенијата од соја. Уништување на плевели може да се врши и со хербициди.

Хербициди –Постојат повеќе комбинации

-Пред сеидба (со инкорпорација) најчесто се користат: Treflan EC, Trefgol, Herbitref, Zupalin, Sutref 48 EC. Наменети се за посуви подрачја и почви добро припремани, но не се за лесни песокливи и сиромашни со хумус .Се инкорпорираат на длабочина 5-8 см во количина   1-2,5 l/ha. Препаратот Komand 48 C може да се примени пред сеидба 0,75 l/ha но и по сеидба а пред никнење.

-По сеидба, пред никнење за сузбивање на едногодишни теснолисни и широколисни плевели се користи: Dual 500-EC (5 l/ha), Afalon (7 l/ha), Galolin kombi (7 l/ha), Kodal (5-6 l/ha).

-По никнење на сојата и плевелите за сузбивање на едногодишни  широколисни плевели може да се користи: Pivot 100-E (0,8-1 l/ha) кога сојата е во фаза 1-3 прави листа а плевелите во фаза 2-4 листа. По третирањето во есен истата година може да се сеат пченица, јачмен, луцерка, детелина, а во втората година озими и пролетни жита, луцерка, детелина, соја, грашак, боранија, a во третата година сите посеви.;Scepter (1 l/ha) се користи 3-4 недели по никнење на сојата, но може да е фитотоксичен  при јаки врнежи или наводнување;Basagran и Zupazon  (3-4 l/ha) за сузбивање широколисни плевели  во фаза на сојата 1-3 прави листови.

За сузбивање на теснолисни плевели по никнење се користат: Agil 100-EC (0,8-1 l/ha), Aramo 50 (1-2 l/ha), Fokus ultra (0,75-2 l/ha), Furore super (1-2 l/ha), Fusilade forte (0,8-1,3 l/ha).

Ако се појават штетници се користат одредени инсектициди и тоа пред сеидба со инкорпорација во почвата или пак со сеидбата во редовите. Се користат следните инсектициди: Fastak, Ekaluks, Talstar, Lanate, Supration, Diptereks, Dimilin.

Заштита од болести ретко се врши во наши услови , но ако се појават некои болести се користат: Ridomil, Bakarna var и др.

 

Наводнување: Сојата има големи потреби од вода и зависно од условите се наводнува 2-3 пати. Најголеми потреби за вода има во јуни, јулу, август. Поголема потреба од влажност сојата има во период пред цветање, при формирање на машунки и налевање на зрното. Во самото цветање потребен е  краток сув период, да нема силни врнежи зашто може да дојде до опаѓање на цветовите. При наводнувањето да се внимава по цветање може и да не се наводнува зашто може да се продолжи вегетацијата а со тоа има опасност сојата да не созрее на време. Потребни количини на вода се 40-50 л на 1 м2. По наводнувањето за да се задржи влагата подолго во почвата се препорачува прашење на посевот. Најдобро е наводнување со вештачки дожд но ако нема услови за тоа се наводнува со бразди

.

Берба:

Сојата која се одгледува за производство на зрно почнува со зреење крај на август почеток на септември (како нискиот грав). Почетокот на созревање може да се види кога на растението се забележува пожолтување, потсушување на мешунките, потсушување и опаѓање на листовите. Подоцна растението останува без листови со пожолтени мешунки.  Прибирање се  извршува кога семето во мешунката не е откачено од неа (таа да не тропа). Не треба да се чека зрното наполно да се исуши  зашто при прибирање може да дојде до пукање на мешунката и до одронување на зрното на нивата со што се намалуваат приносите.

На помали површини каде се произведува сојата за зрно прибирање се врши рачно со корнење на целото растение или може и со косење. Искорнатите растенија се чуваат да се  просушат, потоа со чукање ( исто како гравот) се собира зрното. Собраните зрна од соја се оставаат да се просушат по природен пат во тенок слој, неколку пати се промешува се додека влажноста во семето достигне 10-12 %.

За механизирана жетва може да се користи житниот комбајн со стандарден  житен хедер но мора да се направи приспособување и тоа:

-хедерот мора да биде во хоризонтална положба

-да се избере соодветна положба на мотовилото (горе-долу, напред-назад)зависно од посевот

-да се приспособи бројот на обртаите на мотовилото со брзина на движење на комбајнот

-бројот на обртаите на барабанот да се намали на 500-700 обртаи во минута зависно од  влажноста на семето.

-зазорот на барабанот да се дотера во зависност од влажноста на семето.

-отворите на ситата да се дотераат зависно од големината на семето а плехот навентилаторот целосно да се отвори.

При прибирање во врќи за подолго чување се одстрануваат искршените зрна. Поради поголемиот процент на маснотии во зрното скршеното зрно може да предизвика расипување на сојата. Соиното семе чисто се чува во јутени вреќи на суво проветрено место.

Со извршената квалитетна агротехника, заштита и нега на посевот од сојата се очекува принос 3000-4000 kg/ha зрно соја.

По прибирање пред да и се даде на стоката како храна потребно е сојата треба термички да се  обработи.

 

 

Петар Трајковски, Советник во АПРЗ

 

 

 

Share Button