вестиМакедонијаТоп вести

Есенските посеви во одлична кондиција земјоделците се подготвуваат за пролетната сеидба

Земјоделските активности се одвиваат нормално. Земјоделците им пркосат на Корона вирусот. Ги почитуваат препораките и на агрономите, запазувајќи ги сите рокови за агротехнички мерки, а и оние од Министерството за здравство за заштита на своето здравје. Есенските посеви се во одлична состојба и се прават подготовки за пролетна сеидба.

 

Есеснките посеви се во одлична кондиција. Оние што не успеале да извршат прихрана на посевите обавезно да ја спроведат затоа што влагата од последните дождови  ќе ги поттикне плевелите па ќе  треба наместо прихрана да спроведат заштита од плевели, велат агрономите.

Последните врнежи од дожд и снег ја подобрија влагата во почвата и овозможија правилен развој на културите посеани од есеноска. И покрај тоа што есенската сеидба се одвиваше во сушни услови, стигнати се сите фази на развој на растенијата. Доколку земјоделците успеат да ги спроведат сите агротехнички мерки ќе може да се надеваат на плодна жетва.

-Есенските посеви во моментов се во фаза на братење и се во одлична состојба. Оние култури што се посеани порано, како на пример јачемнот, имаат дури и прво коленце. Веќе врват последните рокови за втората прихрана на есенските култури. Во Пелагонискиот регион на  над 85% од површините прихраната е веќе звршена, изјави за Зелена берза агрономот  Владе Крстевски. Во оваа фаза во која се наоѓаат есенските култури им е потребен азот, што се надополнува  со прихрана која до 1 април мора да биде завршена. Тоа може да се стори  со амониум нитрат или како некои ја викаат тарана, шалитра или пак  со  Кан 26% кој е добар  оти не ја закиселува почвата, додава тој.

Заштитата  зависи од плевелите кои ги има на засеаните површини

Заштитата на посевите од плевели е од големо значење и од нејзината успешност подоцна ќе зависи родот на жетвата.

-Особено треба да бидат внимателни земјоделците со кои препарати ќе ја вршат заштитата. Прво треба да се види каков плевел има излезено, дали е тесно листен или широко листен плевел. Најголем проблем е дивиот овес. Тој излегува малку покасно и затоа не треба да се брза со заштитата. Дивиот овес е многу штетен. Ако се испрска пред да се појави може жетвата да биде доведена во прашање,објаснува агрономот Крстевски.

 Најдобро е да се прават комбинации на препаратите бидејќи може на иста парцела да се јават и теснолистни и широколситни пелевели

Бидејќи јачменот порано се сее , со него и се почнува со заштитатата. На пазарот има најразлични препарати за заштита , но сите тие ќе бидат ефикасни ако се знае точно плевелот којго има на површината. За третирање на плевел кај јачмен може да се користат следниве препарати:

Хусар –   тесно лисни и див овес – 100гр/ха

Аксијал –  тесно лисни и див овес 600 гр/ха

Ланселот – за широколисни плевели се додаваат

33гр/ха

За пченица:

Генеус – за теснолисни и див овес

 Палас – за теснолисни и див овес

 Аксијал плус Ланселот 33гр/ха или Мустанг 500гр/ха за широколисни плевели

 Подготовка  за пролетна сеидба

Пред самиот старт на пролетната сеидба она на што треба да се обрне внимание е ѓубрењето на почвата. Агрохемиската анализа на почвата е од исклучително значење, со цел да се употреби вистинското ѓубре. Хемиската анализа уште не е доволно застапена, парцелите се ситни и уште земјоделците не ја практивкуваат. Но пожелна е  да знаат со што да ја изѓубрат.

-Иако температурите се ниски може да се почне со сеење на сончоглед. Што се однесува  за сеење на  пченката потребни се повисоки температури. Според земјоделскиот календар би требало да се почне од 12 април и до 25 април треба да биде посеана, потенцира Крстевски.

Во Пелагониско често се користат семиња  со пократка вегетација кои  може и покасно да се посеат и  стигнува за жетва на крајот од месец септември, до 10 октомври кога влагата во зрното би била од 13-14% влага . Затоа често се користат сортите на  Пионир и Кавес (Крабас).

-Сега постојат и современи сеалки со кои може истовремено и да се сее и да се ѓубри, објаснува Кртевски. Треба ѓубриво, најмалку 350 – 500кг по ха ако сакаме да постигнеме високи приноси.

Корона вирусот не е пречка за извршување на земјоделските работи

Земјоделците се задоволни од моменталната кондиција на есенските посеви и велат дека им недостига само малку топлина за да се феноменални, се подготвуваат за сеидба на пролетните култури.

-Јас се подготвувам за пролетна сеидба за пченка. Се обидувам да докомплетирам се што ми е потребно  од страна семиња и ѓубрива. Состојбите со корона вирусот малку ја успорија набавката. Дел имам, а нешто чекам на пат се, како ќе биде не знам, ќе видиме. Се надевам дека семето ќе стигне навреме и ќе го запазам рокот за сеидба на пченката.

Што се однесува до корона вирусот и работатат по поле, немаме никаков проблем. Се разбира дека водиме сметка за нашето здравје. Ги почитуваме препораките. Искрено избегнуваме собири и контакти со други луѓе,  комуникацијата со останатите земјоделци  ја извршуваме телефонски. Нема голема раздвиженост секој си работи на нивите она што треба, немаме проблеми , вели Панде Дамчевски од с. Оптичари.

Од есенските култури задоволен е и Стеван Стојановски од с.Чарлија. Вели дека корона вирусот не му прави проблеми околу земјоделските активности.

– Пченицата ја имам на 12 ха и е во  одлична кондиција. Завршив со прихраната сега на ред е заштитата од плевели. Во моментов се подготвувам за сеење сончоглед. Снабден сум со семе и репроматеријали. Во план ми е да посеам 5 ха сончоглед. Штом завршам со сончогледот ќе преминам на пченката. Секоја година ја сеам од 14 – 15 април. Корона вирусот не ме спречи во извршувањето на земјоделските работи. Се чуваме сами себе. Најкомотни сме ние земјоделците. Најубав карантин е земјоделието, додава Стојановски. 

Советот на агрономите чини помалку отколку евентуална штета од користење на несоодветни препарати

Земјоделските аптеки се добро снабдени со се што е неоходно за земјоделците. За жал и покрај можностите што им се нудат сепак голем број земјоделци  продолжуваат со старите навики и не ги почитуваат советите  на агрономите.

-За жал „Аграрната култура“ кај земјоделците е на многу ниско ниво. Кога ќе дојдат  да купуваат нешто вели „ дај ми од онаа билката што служи за се“. Секоја чест на исклучоците што се добро информирани и кога ќе дојдат знаат што им треба. Затоа им препорачувам на земјоделците пред да одат во некоја земјоделска аптека да купуваат некој препарат, да направат прво обиколка на нивните посеви и да видат каков плевел има, да не има некоја болест и сл. Доколку не се сигурни најдобро е да побараат совет од агроном, сигурно советот ќе ги чини помалку отколку штетата што може да си ја направат доколку употребат не соодветен препарат на културите што ги одгледуваат, вели за Зелена берза Петар Аневски сопственик на ЗА Агролинија од с.Кукуречани.

Павлина Јовановска

Слични написи

Back to top button
Close