fbpx
ВестиМакедонијаМеханизацијаТоп вести

Албер Рушидовски-„Синпекс амбасадор“ во интервју за „Зелена берза“

„Синпекс“ е како магија

Исклучително вреден човек со визија за земјоделието, со љубов кон секоја  грутка земја, на кого пукнатините на  рацете се слика и одлика на неговиот труд и беспрекорна работа, тоа е нашиот „Синпекс амбасадор“, Албер Рушидовски (43) фармер од битолското село Лажец.

Рушидовски по повод големиот јубилеј 30 години „Синпекс“ како долгогодишен и лојален потрошувач доби признание за професионалната  соработка со оваа наша македонска компанија, темелена на взаемна доверба, искреност и коректен однос.

„Синпекс“ и „Зелена берза“ го посетија Рушидовски во неговиот дом во Лажец, а тој вешто како искусен шегобиец, користејќи ја својата смисла за хумор и духовити досетки со леснотија ни го раскажа пријателството со „Синпекс“, присетувајќи се на радоста кога неговиот татко го купил првиот трактор. Но, во исто време со голема емоција сподели и за довербата и подадената рака од „Синпекс“ кога се нашол во зол час.

Овој наш земјоделец, не случајно е силно поврзан со „Синпекс“ како голем љубител на земјоделска механизација, или како што самиот вели-мераклија на машини.

За Рушидовски, „Синпекс“ е како магија, а секој ден е камче од мозаикот наречен доверба.

З.Б-„Синпекс“-Битола ве избра за еден од своите „Синпекс амбасадор“ привилегија која ја добија избрани клиенти на фирмата заради долгогодишната успешна соработка, која значи лојалност, доверба и професионалност во секој поглед. Се сеќавате ли на првите средби со тимот на „Синпекс“ и како го доживувате ова деловно пријателство?

Рушидовски-Кога ќе одам во „Синпекс“ како да имам две срца. Сопругата ми вели: „Седи таму не доаѓај дома“.

-Па богами, да ме остават таму да спијам, ќе спијам- и’ велам јас.

Од душата ми иди да одам во „Синпекс“, како да ми имаат направено магија.

Толку ги почитувам и ги сакам. За Леонардо и срцето го давам. Зошто е голем човек. Кога ми изгоре тракторот, одма ми даде нов трактор. Цела година ме чекаше да го доисплатам. Ете, тоа никогаш нема да го заборавам. Го сакам повеќе од брат. Многу им сум благодарен и додека сум жив во „Синпекс“ ќе купувам, на друго место не одам.

Се сеќавам во 2004 година, отидовме со татко ми Адуш за Битола, и навративме до „Синпекс“ по друга работа, ама таму ни запре погледот на еден трактор Фергусон, и му велам на татко ми: „Многу е убав тракторот“.

Од мал бев заразен за тие машини. Татко ми праша за цената – 7,5 илјади евра со кабина. Ги зедовме чековите од млекарата за исплата на млекото и од банката право заминавме за „Синпекс“. Бог да го прости Славко, не пречека кај сервисот, не почести, ни направи домаќински муабет и ни даде попуст.

А, јас додека чекавме на новиот трактор да се монтира кабината се вртев околу машината како загар на диво прасе. Таков мерак ми направи.

Соработката продолжи. Во 2014 година, паметам во петок, во пазарен ден, од рано сабајле отидов во „Синпекс“, таму беше Здравко, бендисав еден трактор, и на многу интересен начин се погодивме за цената. Цената што ми ја кажа на почеток ми се виде малку висока, ама ми даде збор дека ќе ме побара за кратко. Почекај ме рече за пет минути. Јас за тоа време отидов во Битола, пред да одам во менувачница, се јави Здравко и го прифати мојот пазар. Паметам кога Здравко ми рече: „Албер донеси пари, пали и вози!“

Отидов на банка и на службеничката  и кажав дека заминувам за Австралија да ги испразни моите сметки. Ми посака среќен пат, дури подоцна и признав дека ја излажав, и’ реков останувам тука, купувам трактор.

 

З.Б-Важите за еден од фановите на брендот Тафе, за кој „Синпекс“-Битола  е генерален застапник, поседувате и бројна земјоделска приклучна механизација. Што значи за вас да се има квалитетна, брендирана механизација?

Рушидовски– Бев мало дете, 1992 година, кога татко ми за прв пат купи два нови трактори од „Синпекс“ од марката Фергусон. Ги зеде парите од житото и ги вложи во механизација.

Пак ќе речам, оттогаш имав голем мерак во машини, за тоа сум изгорен. После тоа по четири години купивме балирачка и така со ред целата механизација ја купував од „Синпекс“. 2004 година, пак отидовме во „Синпекс“ и зедовме Фергусон со кабина. А сега купив еден по еден, два големи трактори Тафе. Многу ме бендисува Тафето, па на шега им велам на домашните: „Кога ќе умрам Тафе со плуг да ми ставите во гробот.“

Последниот трактор го купив во јуни годинава. Во последните три години, зедов три трактори, два големи и еден помал. А сега имам намера да купам една приколка Фермак од 5 тони. Ех, за неа нема да спијам две вечери. А планирам да купам и една косачка од истата марка за да се докомплетира машинскиот дел.

З.Б-Одгледувате фарма со крави и сами произведувате храна за стоката. Важите за еден од покрупните земјоделци во регионот, кога се мисли на обработка на земја. Што се работи од земјоделие семејството Рушидовски?

Рушидовски-Чувам 50 крави, од кои 20 се високомлечна сорта. Додека да замине татко ми во Австралија, пред 11 години, чувавме 20 до 25 крави, од тогаш почнавме да ги оплодуваме, затоа што видовме дека со поголемо производство на млеко влегуваат повеќе пари. Сфативме дека има перспектива. Да не беа кравите ќе беше тешко. Се што имаме купено е од млекото. Дневно предаваме 300 литри млеко за откупна цена од 18 денари по литар. Цената не е висока, но бериќат, ако не заврне, ќе капне. Сега целата штала сами ја одржуваме јас ги хранам и ја чистам шталата од гнојот, а сопругата  молзе.

Обработувам 13 хектари сопствена земја и уште 10 хектари ниви што ги земам по заем. Имотот ми е во атарот на Лажец, Кравари и Бистрица. Садам пченка за силажа и во зрно. Годишно произведувам по околу 15 тони пченка по хектар. Дел од родот продавам. Секоја година од 6 до 7 илјади бали сам ги кревам и ги носам во шталата.

З.Б-Што значи за еден фармер да се инвестира во земјоделството и како го прифаќате ризикот од нови инвестиции?

Рушидовски-Сакам да вложам во нова штала и John Deere трактор голем, од 105 или 110 коњски сили, ама поубаво ќе биде да е од 110 КС. Имам трактори Тафе и сакам да направам промена со нов силен и моќен John Deere. Во селото има престиж меѓу земјоделците со каква механизација се обработува земјата. Па муабетот оди во правец, ти што трактор возиш, тој што трактор вози. Ама јас на тие провокации им велам: „Ќе купам John Deere  на сите да им ја затворам устата.“ Јас механизација купувам само од „Синпекс“. Во квалитетот нема лага. Јас игла што е за шиење не одам да ја купам на друго место. Само „Синпекс“ постои за мене.

Што се однесува до нова штала, тоа ми е намерата за во иднина. Штала имам, ама сега плановите ми се да направам современа штала, се да е на лента, нов систем. Не како сега, сами да чистиме, сами се да правиме рачно. Кога би имал таква штала со ќеф се сам ќе работам, ни ми требаат работници. Зашто во нова современа фарма не ќе има многу за работа. Не сакам да станам „легач“, туку турбо да работам, како мотор. Ама, велам за молзење не, не се нафаќам.

Инаку, за да вложам во нова фарма потребна ми е инвестиција од 150 илјади евра.

Сега инвестирав во купување на своја земја, тоа ќе остане. Земјата ќе биде наша, а во земјата е иднината.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close