Бачовски го демантира Трипуновски за исплатата на субвенциите
Трипуновски нема врска со реалноста, вели Бачовски во реакцијата
Во врска со вашата објава со наслов ,,Трипуновски открива скандал со над 50 милиони евра неиспплатени субвенции за земјоделците” би сакал да кажам дека погоре наведеното нема апсолутно никаква врска со реалноста и е само обид да се дефокусира јавноста од навремената и неселективна исплата на субвенциите која се одвива години наназад.
Имено, тврдењата дека во програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година има ставка заостанати обврски од претходни години и наведената бројка од 3.4 милијарди денари (поточно 3.34 милијарди денари) не кореспондираат со понатамошните тврдења дека тоа се 50 милиони евра не се исплатени кој земјоделците.
Би сакал да укажам дека ставката заостанати обврски од претходни години е составен дел од програмите за финансиска поддршка во земјоделството години наназад и главно се однесува на поднесените барања за субвенции од претходна година кои се исплаќаат во текот на годината кога е донесена програмата . Односно, како практичен пример секој кој во 2023 година аплицирал за субвенции, се исплаќа во 2024 година од средствата предвидени во ставката – заостанати обврски. 90% од наведената сума од 3.34 милијарди денари се однесува на барањата за 2023 година за кои веќе се донесени решенија за исплата во вредност од 1.37 милијарди денари (26.02.2024).
Доколку одиме по аналогијата на дополнителниот заменик – министер Цветан Трипуновски дека 50 милиони евра се неисплатени кон земјоделците и тоа добива предзнак на ‘’скандал” – тогаш дали фактот што во програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2016 година на истата ставка за заостанати обврски од претходните години стои сума од 2.9 милијарди значи дека тогашната власт не исплатила 47 милиони евра по основ субвенции за земјоделците за неколку години наназад? (програмата ја праќам во прилог на овој текст)
Динамиката со која се исплаќаат субвенциите е на едно завидно ниво и тоа е видливо на терен. Земјоделците се поддржувани со многу основни и дополнителни мерки, а за првпат во постоењето на програмата се реализираа исплати во истата година кога и е аплицирано за нив.
Само за споредба како функционира реализацијата на поддршката за земјоделците ќе споделам еден факт :
Поддршката за земјоделците преку програмата за субвенции во периодот 2014 – 2016 е 18 милијарди денари или 290 милиони евра.
Поддршката за земјоделците преку програмата за субвенции во периодот 2021 – 2023 е 22 милијарди денари или 358 милиони евра.
А како се доаѓа до поголема поддршка од близу 70 милиони евра?
Со посветеност кон работата, неселективен пристап, субвенционирање на горивото за земјоделска механизација (зелена нафта), за 3 пати зголемени субвенции за ориз, зголемени субвенции за поквалитетниот тутун, повисоки субвенции за млеко, поддршка за јаболкопроизводителите, лозарите, градинарите и сточарите.