вестиЕкологијаТоп вести

Битола-цветна како од бајките

„Убавината на цвеќето доаѓа до израз, ако знаеме да ја искористиме и покажеме на вистински начин“, вели една мудра источна поговорка.

Битола оваа пролет наликува на еден голем цветен парк. Минувачите уживаат во шаренилото на бои и радосната атмосфера која ја претставуваат прекрасните цветни површини во Градскиот парк кај Саат Кулата, леите пред Безистенот, Шеталиштето, На Широк Сокак се поставени жардиниери со сезонско цвеќе, а канделабрите се декорирани со висечки саксии и разнобојни цвеќиња. Разиграни  и расцветани се и зелените површини кај Центарот за култура и многу други локации низ градот. Бегонија, џунџуле, воденичарка, петунија уредени во прекрасни декорации ви ги исполнуваат и очите и душата.

Покрај тоа што важат за „бели дробови“ на градот, битолските паркови се едни од најубавите места во кои што битолчани можат да побегнат од сообраќајниот метеж и целиот натрупан урбанизам во своите населби. Прекрасно дизајниран парк е многу повеќе од само зелена површина…Напротив, градските паркови се еден од деталите кои што го прават градот привлечен и пријатен за живеење.

Битола каква што можеме денес да ја видиме е дело на Никола Дамески, дипломиран шумарски инженер, раководител на секторот Јавно зеленило во ЈП „Комуналец“- Битола. Под негово раководство се реализираа проектот „Цветна Битола“, со кој на повеќе локации низ градот никнаа нови цветни леи, а места каде до вчера беа запоставени денес се хортикултурно уредени и прилегаат на фантастични колекции од разнобојно цвеќе.

-Вкупно низ цел град имаме околу 25 илјади цветни садници. Во нив има сезонско цвеќе бегонија, џунџуле, воденичарка, петунија. Имаме целосно нови цветни површини, а тоа се леите во паркот со поставен систем капка по капка, жардиниерите кај безистенот и кај Центарот за култура, каде беа џбунови, сега се засадени со цвеќиња и поставен е систем за наводнување. Нови цветни површини има и кај кружниот тек кај Веро, каде беше поплочено со бетон и таму поставивме цветни садници, вели Дамески.

  

Цветните аранжмани низ парковите и други локации низ Битола, ЈП „Комуналец“ ги реализира со сезонски расад од сопствено производство. За таа цел, направени се 4 нови пластеници, а исто така во функција е ставен и стариот запоставен пластеник, со што се овозможи два производствени циклуси на цветен расад, пролетен и есенски. Од почетокот на летото, „Комуналец“ ќе продолжи со засадување на нови леи, со што во текот на 10 месеци Битола ќе има прекрасни цветни аранжмани.

-Со овие нови засадени локации, имаме 20 илјади нови садници  повеќе, отколку во претходните години, вели Дамески.

Покрај цветните аранжмани се кастрат и дрвјата, особено на булеварите. Одржувањето на дрворедите низ Битола се спроведува по прописи. Најдобар пример се дрвјата на улицата „Филип Втори Македонски“.

Во целост Битола оваа сезона живее како чудесна цветна градина од бајките.

 

А. Блажевска

 

Слични написи

Back to top button
Close