
Итно барање за интервентна субвенција и заштита на производството на пченица и јачменот како стратешки култури за жетва 2026 година, бара НЗМ
Mоменталната пазарна откупна цена е драстично пониска од трошоците неопходни за производство на еден килограм пченица и јачмен. Со оглед на зголемените цени на репроматеријалите (ѓубрива, заштитни средства), горивото и работната рака, ваквата состојба директно ги носи земјоделците во загуба и го загрозува опстанокот на нивните стопанства.
До: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој
Почитувани
Како претставници на Националната земјоделска мрежа а во име на земјоделските производители од целата држава, поднесуваме итно ЈАВНО БАРАЊЕ за реакција по повод моменталната состојба со откупот на пченицата и јачменот од жетвата 2026 година. Врз основа на деталните анализи на производните трошоци изработени од страна на нашите членови, констатираме дека моменталната пазарна откупна цена е драстично пониска од трошоците неопходни за производство на еден килограм пченица и јачмен. Со оглед на зголемените цени на репроматеријалите (ѓубрива, заштитни средства), горивото и работната рака, ваквата состојба директно ги носи земјоделците во загуба и го загрозува опстанокот на нивните стопанства.
Бараме:
1. Итна исплата на основните сувбвенции како и дополнителна премија . Поради нерентабилноста, бараме Владата и МЗШВ да донесат одлука за исплата на дополнителна директна поддршка (интервентна премија) по килограм предадена пченица и јачмен во регистрирани откупни центри, со цел да се покрие разликата до прагот на економска одржливост.
2. Активирање на интервентен откуп Доколку пазарната цена продолжи да стагнира, бараме активирање на механизмите за интервентен откуп преку Агенцијата за стокови резерви, по цена која ќе ги покрие производствените трошоци и ќе овозможи минимален профит за земјоделецот.
3. Бараме итна средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 3 работни дена, на која ќе ги презентираме нашите прецизни калкулации на трошоци и ќе преговараме за моделите на интервенција. Пченицата и јачменот се стратешки култури од национално значење и основа за прехранбената безбедност на државата. Доколку земјоделците не бидат заштитени денес, ризикуваме напуштање на обработливите површини и зголемена зависност од увоз, што на среден рок ќе чини многу повеќе од сегашната субвенција.
Очекуваме итен одговор и конкретни чекори во интерес на македонскиот земјоделец.
Во прилог : Табеларен приказ на производни трошоци за кг пченица
Забелешка дополнително зголемени трошоци за губрива и енергенси за 50%
Со почит Национална земјоделска мрежа





