Бугарија е меѓу земјите во ЕУ со најниска откупна цена на млекото
Во многу делови на Бугарија откупната цена на суровото млеко е исклучително ниска – 50-60 центи за литар, а сточарите се во загуба
Бугарија е меѓу земјите во Европската унија со најниска откупна цена на суровото млеко во јуни 2023 година. Ова го покажуваат податоците на Европската комисија, пренесува БТА. Просечната откупна цена на млекото беше 41,15 евроценти за литар (околу 80 центи), што е седма најниска вредност, со уште пониски цени во Естонија, Шведска, Ирска и Романија.
Во јуни најниски цени на суровото млеко во ЕУ имаа во Летонија со 33,97 евроценти за литар и во Литванија со 34,57 евроценти за литар. Просечната откупна цена на сурово млеко во ЕУ е намалена за 2,5 отсто во јуни во однос на мај на 44,86 евроценти за литар, покажуваат податоците на ЕК. Од почетокот на годината млекото во ЕУ поевтинува за повеќе од 20 отсто (од 58,97 евроценти за литар во јануари), додека во 2022 година цените растат секој месец.
Во многу делови на Бугарија откупната цена на суровото млеко е исклучително ниска – 50-60 центи за литар, а сточарите се во загуба, коментира Георги Стојанов, претседател на Бугарскиот сојуз на фармери. Млекопреработувачите продолжуваат да го откупуваат производството по многу ниски цени, додека свежото млеко во продавниците и понатаму е значително поскапо – над 3-4 лева за литар, објасни Стојанов.
Податоците на ЕК покажуваат и дека во јуни цените на путерот, обезмастеното и полномасно суво млеко и сирењето Чедар во ЕУ исто така се намалени во однос на претходниот месец. Најголем пад има за обезмастеното млеко во прав – за 7 отсто до 2,27 евра за килограм.
Полномасното млеко во прав се намали за 3,1 отсто на 3,44 евра за килограм, а путерот за 2,6 отсто на 4,53 евра за килограм. Кај чедарот поевтинувањето е за 0,2 отсто на 3,58 евра за килограм.https://www.slobodenpecat.mk/