fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Цените на храната не престануваат да растат

Цените на храната растат веќе петти месец по ред, што укажува на постепено закрепнување од шокот предизвикан од пандемијата, соопшти ФАО.

Според Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство, индексот на цените на основните прехранбени производи во месец октомври се искачи во просек на 100,9 поени, што е најмногу од јануари. Тоа е за 3,1 поен повеќе од ревидираната вредност во септември. Цените на житните култури скокнаа за 7,2 проценти во споредба со септември и 16,5 проценти во споредба со октомври минатата година, посочува ФАО. Извозната цена на пченицата се зголеми заради намалената понуда, додека цените на пченката го достигнаа највисокото ниво во повеќе од шест години, како резултат на големата побарувачка од Кина.

Цените на сточниот јачмен и сирак исто така се зголемија, додека оризот  значително поевтини, пренесува Вечерњи лист. Цените на шеќерот во октомври се зголемија за 7,6 проценти во споредба со септември, што се должи на очекуваниот пад на производството во Бразил и Индија како резултат на слабите врнежи од дожд.

Индексот на цените на млекото и млечните производи се зголеми за 2,2 проценти во октомври, најмногу како резултат на зголемувањето на цената на сирењето.

Цените на растителното масло се зголемија за 1,8 проценти, како резултат на повисоките цени на палминото и соиното масло, додека цените на маслото од репка нагло паднаа поради несигурната побарувачка во Европската унија. Во октомври, само цените на месото паднаа за 0,5 проценти во споредба со септември, откако  Кина воведе забрана за увоз на свинско месо од Германија поради потврдени случаи на африканска свинска чума.

ФАО наведува дека жетвата на житото во светот е на пат да достигне рекорд во 2020 година, иако предвидувањата се дополнително намалени на 2,75 милијарди тони. Дури и во тој случај би се забележал рекорд и пораст во споредба со минатата година за 1,6 проценти.

Организацијата предвидува дека потрошувачката на житни култури во сезоната 2020/2021 година.ќе изнесуваат 2,745 милијарди тони, што би претставувало зголемување од 1,9 проценти во споредба со 2019/2020 година, објавува порталот агропрес.рс.

Слични написи

Back to top button
Close