ВестиМакедонијаТоп вести

„Олимпијада 2020“ – човештвото против Ковид-19

Оваа година се одржа една од најсилните Олимпијади во историјата на човештвото. Сите нации учествуваа, без исклучок!

Оваа година се одржа една од најсилните Олимпијади во историјата на човештвото. Сите нации учествуваа, без исклучок! Отворањето и припадна на Кина која во маратонска трка, невидиливата штафета ја предаваше понатаму… и понатаму. Стигна до Италија и Шпанија, а од таму до другите европски земји, за да се префрли на Американскиот континент и да прошета низ останатите континенти. Знаеја сите дека штафетата е токсична и дека може да го накаже човечкиот род, но не знаеја од каков материјал е составена, кои се предностите и недостатоците. Не можевме да ја запреме. И додека да трепнеме, направи пустош платен со човечки животи!

Опасноста од коронавирусот стана реална опасност за човештвото – а тоа немаше одговор. Вирусот се ширеше брзо – во спортскиот жаргон – на најтешкиот маратон истрча додека сите беа на почетокот.

Натпреварот трае сè уште. По една година ги исцрпи сите учесници, го промени ликот на светот, на нашите животи, успеа да не затвори дома со месеци, нè натера да носиме маски преку лицето за да не може да се видиме едни со други како се смееме, а сè помалку се смеевме, нè оддалечи на растојание од 2 метри, ни прегратки, ни бакнежи, уништи бизниси, ја осакати економијата, сите случувања се откажаа, а болниците се полнеа со илјадници кои секојдневно се заразуваа од она што го содржеше во себе – вирус кој дивееше без да предупреди… Сееше смрт…

Од почетокот на пандемијата на Ковид-19 до сега, СЗО регистрира 82.011.532 случаи на глобално ниво. Починаа 1.788.238, а се излекуваа 58.043.246. И со други пандемии се борел светот, во историјата остануваат запаметени и шпанската треска и сипаниците и колерата, но ниту една ваква како Ковид-19 во современиот свет. Бројките само кажуваат за неговата силина, но да не беше светот збратимен, штетата ќе беше многу поголема.

И овде кај нас корона вирусот фрли сивило. Ниту влезот во НАТО, ниту други придобивки не можевме да ги резонираме на раат, токму поради пандемијата. Среќни се оние на кои Ковид-19 им го украде само секојдневието, зошто на некои им ги украде најмилите! Бројките на новозаразени во еден момент толку многу пораснаа што нашите болници немаа место за нови и нови. А таму, токму во болниците се водеше и се води битката во првите борбени редови. Преморени доктори, исцрпени сестри, изнемоштени пациенти… Ама да се откажеме од „Олимпијадата“ не е во нашите гени. До крај ја водиме битката!

За оваа наша реалност, за „новото нормално“ за Фактор раскажаа некои од директните учесници во „Олимијадата Ковид-19“. Секој од свој агол, секој со своите емоции, но во името на сите кои влегоа во жестоката битка.

Светлана Божиновска, новинарка, уредник во ТВ 24. Вели, за миг ми застана сè. Благодарна е на човечноста, на насмевките, на топлите погледи и пред сè на упорноста на сите оние кои секој човечки живот, вклучувајќи го и нејзиниот го ставаат на победничкиот пиедестал. Вели дека секој што бил болница има своја приказна, свои стравови, очекувања.

– Не може со зборови да се опише чувството и стравот кога во соседната соба слушате дека некој татко, брат, мајка или сестра ја губат битката и покрај лавовската борба на лекарите и сестрите да ги спасат. Сега, шест месеци подоцна, станувам со помислата: „Ви благодарам што постоите”! – оваа порака е наменета за целиот медицински персонал од ковид центарот во  ГОБ  „8 Септември”. На 20 јуни бев хоспитализирана со ниска сатурација и со тешка бронхопневмонија. Мислев дека дишам низ „цевче”… Сите претходни планови со семејството за час исчезнаа, но ниту во еден момент не помислив дека животот ќе ми виси на конец. Мал е зборот за овие лица да се каже дека се вистински херои, неуморни, храбри и пред сè човечни. Без нивната посветеност и нега мислам дека сега немаше да го раскажувам моето патешествие. Во болница бев 19 дена на кислородна поддршка. Првите денови беа пеколни. Мислам дека секој здив го земав со страв, а ноќите ми беа најтешки и најдолги. Со часови не спиев од страв дека нема да се разбудам. Имаше денови кога црни мисли ми поминуваа низ главата и кога секоја болка во градите и борба за здив ќе биде последна. Се сеќавам на една случка кога една од болничарките ме носеше на рентген да ги снимам белите дробови. Исцрпена и уморна без приговор ја туркаше болничката количка. Верувам го правеше тоа со последни сили бидејќи тоа и беше неколкунеделно дежурство без одмор. Не кажа ни збор, но го чувствував нејзиното воздивнување и умор. Тивко ги минувавме болничките ходници. Јас се радував што по две недели успеав да ја видам светлината на денот надвор од болничкиот кревет, а таа со насмевка ме тешеше дека сè ќе помине, дека за брзо време ќе излезам надвор…Страшни беа глетките кога многумина ја изгубија битката со Ковид 19. Од очите на болничарките Бети, Маја, Светлана, медицинските сестри Ани, Сашка…(ќе ми простат оние чии имиња не ги запаметив), секој пат извираше болка, очај и тага бидејќи не успеале да ги спасат и покрај тоа што својот живот го ставаат во ризик. Единствениот спас од тенката линија на очајот ми беше мислата дека морам да се изборам за моите деца и сопруг, за мојата мајка, моето семејството чии молитви и солзи ми ја печеа душата. Пораките со поддршка од пријателите и колегите исто толку ми го топлеа срцето, раскажува Божиновска.

Ангел Драскачев, медицински техничар. Неговото патување го започнува во хотелот „Монтенегро“ во Велес, еден од државните карантини, каде се сместуваа иселениците кои во март и април се враќаа во Македонија. Но, „новото нормално“ најтешко го доживува во ковид центрите, ГОБ „8 Септември“, Клиниката за инфективни болести, Инфективното одделение во болницата во Велес. Токму болничкиот персонал ги виде сите лица на корона вирусот, вели Ангел.

-’Синко, подај ми водичка’, тоа се тие моменти кои едноставно ви ги навираат солзите во очите. Тоа се и среќни моменти, кога ќе испратите оздравен пациент, кога пациентот ќе ви го види ликот без маска, кога ќе може без визир да му ја видите благодарноста во очите. Но, за жал има и моменти кога бурата од емоции е несовладлива, а тоа е кога губите пациент. Никогаш нема да го заборавам моето последно дежурство во ГОБ „8 Септември“. Никогаш нема да заборавам како го изгубивме д-р. Деари од Тетово, ми умираше на раце. Тоа се мигови кога ниту еден од нас не мисли на себе, не сме свесни дали на себе ја имаме опремата или не. Трката за живот е беспоштедна. Се случуваше само со маска и со обично мантилче да трчаме и да спасуваме животи. Тоа што нашите животи ги прави среќни се новите пријателства. Ќе ви раскажам за чичко Перо. Човек карпа, на прв поглед ќе помислите како храбро се носи со целата ситуација. Но, за жал не е така, тој беше толку ранлив и исплашен…Неговата приказна има среќен крај, по две-три недели му ја извадивме маската за кислородна поддршка, и јас бев оној кој му соопшти дека последниот тест му е негативен и дека ќе замине дома. Во оваа лична приказна е и тетка Билјана, ми вети дека кога ќе излезе од болница ќе ми сука пита. За вакви мали, обични нешта  разговаравме за време на целиот нејзин престој. Беше донесена во тешка состојба, но сета моја позитивна енергија, мојот позитивен дух го насочив кон нејзината нега…и оздраве. Тоа е она емотивно воздигнување за кое ви раскажувам, кога без предупредување ви потекуваат солзите од среќа, вели Ангел.

Д-р Христијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“ за Фактор раскажува дека во сета мака има барем една светла точка, а тоа се пријателствата кои станаа поцврсти од сè.

– Жалам што за сите изминати месеци во 2020 директно ја видов болката на многу семејства кои изгубија близок. Но, таквите моменти не поврзуваат и верувајте таа врска станува нераскинлива. Сите здравствени работници емотивно се врзуваат со луѓето, со нивните пациенти. Лекари, болничари, медицински сестри, физиотерапевти сите ние макотрпно и со последни сили правиме сè за да ја извојуваме победата заеднички, за да го подигнеме победничкиот пехар. Но, од некои неразбирливи причини, оддеднаш, без претходна никаква најава, без ниту еден сигнал станувате свесни дека сè било безуспешно. Остануваат низа неодговорени прашања, но она кое постојано си го поставувате е „зошто тргна на лошо?“…И тогаш доаѓаме до момент кога му се дава и последната шанса на пациентот, доаѓаме до момент на тубус. Тоа остава длабоки траги, секоја смрт остава тежина на душата, вели д-р. Костов.

Ваквите тивки херои, во нашата приказна – Светлана, Ангел и д-р. Костов маратонот го трчаа и го трчаат беспоштедно, херојски… За нив се наменети златните медали од „Олимпијадата“ оваа година. Овде треба со гордост да ги носат бидејќи поминаа голгота. За сите тие пациенти кои се изборија со Ковид-19, за сите медициски лица кои неуморно до последен атом помагаа, капата долу!  https://faktor.mk/olimpijada-2020–choveshtvoto-protiv-kovid-19

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close